Цената на струјата ќе паѓа, но и понатаму ќе плаќаме највисока мрежарина во Европа

Цената на струјата ќе паѓа, но и понатаму ќе плаќаме највисока мрежарина во Европа. Евтината дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата, чие враќање се најавува уште од јуни, граѓаните, конечно, ќе можат да ја користат од 1 декември. Од власта смируваат дека нема да има проблем ниту со снабдувањето ниту со цената на струјата, која ќе се намали. Експертите се согласни дека цената на струјата на берзите се стабилизирала, но оти сè уште е рано за оптимистички прогнози од власта, бидејќи електроенергетскиот систем ни е стар и немаме доволно домашно производство на струја. Тие предупредуваат дека цената на струјата може да падне, но мрежарината и понатаму ќе остане висока

258

Цената на струјата ќе паѓа, но и понатаму ќе плаќаме највисока мрежарина во Европа. Евтината дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата, чие враќање се најавува уште од јуни, граѓаните, конечно, ќе можат да ја користат од 1 декември. Од власта смируваат дека нема да има проблем ниту со снабдувањето ниту со цената на струјата, која ќе се намали. Експертите се согласни дека цената на струјата на берзите се стабилизирала, но оти сè уште е рано за оптимистички прогнози од власта, бидејќи електроенергетскиот систем ни е стар и немаме доволно домашно производство на струја. Тие предупредуваат дека цената на струјата може да падне, но мрежарината и понатаму ќе остане висока.

– Цената на струјата ќе паѓа. Тоа се потврди и летово, кога имаше периоди на светските берзи кога цената на струјата беше под 0, односно во минус. Но, она што нема да се промени е цената на мрежарината, која и понатаму ќе остане висока. Моментално плаќаме највисока мрежарина во Европа – вели енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според него, враќањето на евтината дневна тарифа требало одамна да се случи, а причината за менување на броилата не држи вода. Власта тактизира со враќањето на евтината дневна тарифа. Како можеше да ја укине веднаш, а сега, за враќање, им треба време за менување на броилата? Како претходно, кога ја вратија евтината тарифа, не требаше менување на броилата? – прашува Манасков.

И универзитетскиот професор Константин Димитров смета дека граѓаните и понатаму ќе плаќаат висока мрежарина, бидејќи некој треба да ги покрие загубите во мрежата и неплаќањето на сметките во некои општини во државата.

– Мрежарината е скапа, но државата може да преземе мерки да го спречи тоа. Но, не може, бидејќи ја продаде дистрибуцијата. Некој треба да ги покрие скриените трошоци, загубите во мрежата и неплаќањето на сметките во некои општини во државата – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Според него, добро е да се остварат желбите на власта, односно да немаме проблем со снабдувањето со струја во текот на зимските месеци и да нема застој во работата на електроенергетските капацитети.

– Ние не се сомневаме во добрите желби на власта, но ние се сомневаме во електроенергетскиот систем. Да видиме што ќе се случи ако подолг временски период имаме ниски температури под 0. Освен тоа, во текот на зимата имаме помалку сончева енергија и ќе останеме зависни од термоелектраните. А, во каква кондиција се тие, не знаеме, но знаеме дека секоја зима имаме проблем. Сега е лесно да се каже дека ќе имаме струја и таа нема да биде скапа, но сметам дека е рано за вака оптимистички прогнози – вели Димитров.

Од власта смируваат дека граѓаните може да бидат спокојни во однос на снабдувањето и цената на струјата. Потенцираат дека во постојниве услови, цената на електричната енергија нема да се зголемува.

– Институциите предводени од СДСМ, во изминатава грејна сезона, во услови на криза и неизвесност, покажаа капацитет и покрај црните сценарија на опозицијата, немаше рестрикции, ниту скок на цената на струјата. Значително се зголемува домашното производство на електрична енергија, со сериозни инвестиции во обновливите извори, кои со енергијата од македонското сонце, ветрот и водата, ја заштитуваат животната средина и ги намалуваат сметките на граѓаните. Покрај новоотворената фотоволтаична централа во Новаци, има уште неколку огромни инвестиции, како агроволтаичниот парк Стипион, изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ во вредност од над милијарда евра, ветерниот парк Вирови – соопштија од партијата.

(А.С.)