Ракометерите на Барселона потешко од очекуваното стигнаа до нова победа во Лигата на шампионите, откако на гостински терен го совладаа Целје со 28:27. Словенечката екипа пружи силен отпор и долго имаше одличен резултат, меѓутоа во финишот дојде до пад на концентрацијата која каталонскиот гигант ја казни и на петнаесетина секунди до крајот на мечот го постигна победничкиот гол. Барса во дванаесет кола досега, во најсилното клупско ракометно натпреварување има скор од единаесет победи и едно реми и е на добар пат директно да се пласира во четвртфиналето.

-Воопшто не очекувавем ваков натпревар, но на крајот среќно стигнавме до победата. Едноставно не се предадовме до последната секунда и токму заради тоа излеговме како победници од овој меч, изјави тренерот на Барселона, Антонио Карлос Ортега.

Најдобар стрелец на мечот беше Маргуч со осум гола, додека по пет дадоа Мем и Ване кај Барса, како и Млакар во Целје.

Домашно славје запиша Киелце, со победата над Алборг од 33:28. Данскиот колектив парираше во првото полувреме, меѓутоа целосно падна во продолжението и домаќинот дојде до убедлива победа. Во овој термин се одигра и мечот меѓу Елверум и Нант кој заврши со гостински триумф од 36:42.

Во групата Б, Барселона е лидер со 23 бода, пред Киелце кој има 20, па следат Нант со 14, Кил со 12, Алборг со девет, ПИК Сегед со осум, Целје има шест и Елверум два на дното.

Ракометарите на ГОГ Гудме ја запишаа шестата победа во групната фаза на Лигата на шампионите, откако ја совладаа Висла Плок со 31:24. Најефикасни играчи со по седум погодоци беа Вернсдорф од ГОГ и Лучин од Висла.

ГОГ има 13 бода во групата А на третото место, додека Висла Плок има седум и ги очекува тешка битка за плеј-оф.