Владата на британскиот премиер Борис Џонсон се откажа од обидот во Домот на лордовите, Горниот дом на британскиот парламент, да го блокира законот со кој се сака да се спречи напуштање на ЕУ без договор.
Доколку законот биде усвоен Џонсон ќе мора да побара од ЕУ тримесечно одложување на брегзит, секако доколку до средината на октомври не постигне договор со Брисел.
Џонсон повеќепати изјавуваше дека е против продолжување на рокот за напуштање на ЕУ и дека е подготвен да ја изведе Велика Британија од Унијата без договор, ако тоа биде потребно.
Парламентот против Џонсон
Долниот дом завчера со 329 гласа „за“ и 300 „против“ гласаше за законот што Џонсон го обврзува од ЕУ да побара продоложување на рокот за брегзит до 31 јануари 2020 година, освен ако парламентот не го одобри новиот договор или доколку до 19 октомври не гласа за излез без договор со Унијата.
Конзервативците во Домот на лордовите во процедура пуштија серија амандмани за да го спречат усвојувањето на законот пред суспензијата на работата на парламентот, која стапува во сила в понеделник. Имено, законот треба да го усвои и Домот на лордовите, по што ќе треба да го потпише и кралицата.
Меѓутоа, рано утринава конзервативците во Домот на лордовите објавија дека се откажуваат од противење на законот.
Се сфати дека изгледаат глупаво
Ричард Невби, лидер на либералните демократи во Домот на лордовите, кој со себе во парламентот понесе и прекривка за да се подготви за ноќната расправа, изјави дека владата се откажала од противење на законот откако ги доживеа тешките порази и одбивањето на некои од предложените амандмани.
– Другата страна сфати дека тоа е повеќе од глупаво и дека изгледаат глупаво, па затоа моравме да најдеме излез, изјави Невби за радиото Би-би-си.
Британските парламентарци завчера го одбија и предлогот на Џонсон за одржување предвремени избори на 15 октомври, а премиерот од неговата Конзеравтивна партија избрка 21 ториевски пратеник затоа што гласаа за парламентарното преземање на контролата врз процесот на брегзит, со што тој го изгуби мнозинството во парламентот.