Царовска: Комисијата за заразни болести го разгледува барањето на Тетово за онлајн настава

37

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека Комисијата за заразни болести утрово одржала состанок за барањата на Кризниот штаб на Општина Тетово, за учебната година таму да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците.

– Во координација сме со градоначалничката на Општина Тетово и ние и Министерството за здравство. Сабајлево се одржа состанок на Комисијата за заразни болести и веднаш штом добиеме инструкција или мислење од страна на Комисијата, понатаму ќе продолжиме во разговорите со Општина Тетово и секако дека сите одлуки мора да поминат и на Главниот координативен штаб на Владата и на владина седница. Затоа мислам дека се останато би било шпекулација. Во моментов е тоа, дека се разгледуваат нивните барања и се разговара на Комисијата за заразни болести, рече Царовска по посетата на Основното училиште „Дане Крапчев“ во скопската општина Гази Баба.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи вчера на прес-конференција побара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е поради високите бројки на заболени од Ковид во Тетово, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести.

– Ние како штаб за Тетово ќе ги контролираме дали имаат барем една доза вакцина вработените. Тие што не се вакцинирани во училишта ќе бидат обврзани секои 72 часа да донесат доказ за негативен тест и да продолжат да работат. Мислам дека мора да повикуваме на вакцинација и малку да наложиме. Ние како локални авторитети ќе го спроведеме, поради здравјето на сите. Свесни сме дека некој поради здравствени причини не може да прими вакцина, ама тоа може да се аргументира пред училиштето. Како што се прави тестирање за шетање, така и за школо ќе се прави, изјави вчера Арифи.

Царовска, пак, вчера увери дека според искуствата од минатата учебна година, безбедни се условите за учениците да ја започнат учебната година во училишните клупи. – Сите ја следат епидемиолошката состојба на локално ниво и сите сме тука, заедно да гледаме која е опцијата да почнеме сите истовремено под еднакви услови. Ние се водиме од меѓународните и од нашите, домашни искуства од минатата година и од препораките на Комисијата за заразни болести. Она кое е утврдено на владина седница уште во јуни е дека Министерството треба да се подготвува за три сценарија: едното е целосно физичко присуство, другото е хибриден модел и последното-сите со онлајн настава. Неодамна, пред три владини седници, сите заедно, по препорака на Главниот координативен штаб, донесовме одлука учебната година да почне на 1 септември и да стартува со физичко присуство за сите ученици во сите училишта. Тоа го подготвуваме и за тоа се подготовките, изјави министерката.