Царовска и Наумовски на час по математика во ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“

571

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и министерката за образование, Мила Царовска денеска беа дел од часот по математика за четвртоодделенците  во ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“, кои се прва генерација што следи настава согласно новата концепција на основното образование.

-Училиштето е добро опремено, ги има сите неопходни нагледни средства, интерактивни табли. На учениците од четврто одделение кои доаѓаат од семејства со пониски примања им се обезбедени ИТ уреди за да можат да ги искористат придобивките кои ги нудат дигиталните материјали за учење. А обезбеден е и одреден број комплети на печатени учебници за 4-то одделение за оние дечиња кои немаа можност да ги користат доделените таблети. Навреме се доставени и печатените учебници за сите останати одделенија“ – изјави Царовска, апелирајќи на почитување на здравствените протоколи.

Таа информираше дека и МОН годинава инвестира над 80 милиони денари во три училишни објекти и во изградба на една спортска сала во Ѓорче Петров.

– Едниот е подрачниот на „Димитар Беровски“ во Хром каде се работи на изградба на крило, а ново крило се гради и во склоп на објектот на „Тихомир Милошевски“ во Волково. Двете инвестиции се почнати на почетокот на годината, а рокот за изведба е 20 месеци. Исто така, неодамна е пуштена во употреба спортска сала во состав на основното училиште „Јоаким Крчовски“, а извршена е и рехабилитација на кровот на училиштето „Ѓорче Петров“ – истакна Царовска. 

Како што потенцира Наумоски, заедно со Министерството за образование во континуитет ги унапредуваат условите во општината за да одговорат на сите предизвици на образовната реформа и да се обезбеди инклузивно образование за сите, со неопходната ИТ опрема и современи енергетски ефикасни објекти, адаптирани и пристапни за сите деца.

-Во ерата на дигиталниот свет, мора да ги научиме децата дека компјутерите, таблетите и телефоните не се за играње, туку за учење, истражување и стекнување вештини-вели Наумоски.