Царинската управа за само еден месец, во јули, наплатила рекордни близу 12 милијарди денари или 16,6 проценти повеќе од минатата година во тој период, што претставува историска наплата на приходи во еден месец. Анализата покажа дека зголемената наплата се должи на поголемата количина пријавен увоз на цигари или за 127 проценти повеќе од јули минатата година
Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа ќе ја имаат мојата поддршка, но очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Сите треба да го знаат тоа. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда. Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Царинската управа.
Според него, нема веќе да се работи надвор од законот, сите што ќе го сторат тоа, жестоко ќе бидат казнети.
– Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам Владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога нема да ја предводам Владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку некому не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре, како што би рекле нашите поискусни – рече Мицкоски на прес-конференцијата, која ја одржа заедно со директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Тој посочи дека законот мора да важи за секого, секој што ќе биде фатен, без разлика дали е од Дебар или од Делчево, Куманово, Гевгелија, ќе биде изведен пред лицето на правдата. Никој нема право да го краде народот, додаде премиерот. Мицкоски кажа и дека очекува да се случува рекордна и безусловна борба со криминалот.
Тој очекува од Царината поголем прилив во буџетот, бидејќи со тоа ќе може да се одвојат повеќе средства за капитални инвестиции и за сите реформи.
Николовски рече дека во Царинската управа затекле состојба што ја опиша како „крајно разочарувачка“. Царинските службеници биле демотивирани и неефикасни, при што резултатите биле крајно поразителни.
Слаба контрола, а откривачките функции сведени на минимум. За само еден месец, во јули, наплативме рекордни близу 12 милијарди денари или 16,6 проценти повеќе од минатата година во тој период, што претставува историска наплата на приходи во еден месец.
Анализата покажа дека зголемената наплата се должи на поголемата количина пријавен увоз на цигари или за 127 проценти повеќе од јули минатата година – рече тој, меѓу другото.
Според неговите информации, Мицкоски е првиот премиер што дошол на посета во Царинската управа.