Екипата на Хјустон одлучи да го трејдува Кармело Ентони во тимот на Чикаго, пренесе „ЕСПН“.
Ентони, кој од ноември не одигра ниту еден меч во НБА лигата, нема долго да се задржи кај „биковите“ кои ќе го отпуштат, па така тој ќе биде слободен играч. Тој претходните две сезони не успеа да се пронајде себеси, прво во Оклахома, потоа и во Хјустон, а постои можност кариерата да ја продолжи и во Лос Анџелес Лејкерс. Првата виолина на „езерџиите“, Леброн Џејмс, неколку пати до сега изјави за можното доаѓање на Мело во градот на ангелите, но за такво нешто немаше никаква потврда од клубот.
Кармело Ентони моментно има голем пад во играта, има 34 години, а повеќемината НБА играчи сметаат дека и понатаму има што да понуди во најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување во светот. Тој во текот на кариерата одигра 1064 натпревари и бележи во просек по 24 поени, шест скокови и три асистенции, со 45 отсто процент за шутевите од игра.
Од натпреварите кои се одиграа во НБА лигата, токму поранешниот тим на Мело, екипата на Хјустон, претрпе убедлив пораз на гостувањето кај Филаделфија со 121:93, и покрај одличната партија на Џејмс Харден и постигнатите 37 поени. Победа запиша и актуелниот шампион Голден стејт кај тимот на Лос Анџелес Лејкерс со 130:111, додека Бостон беше подобар пред своја публика од Мајами со 107:99, додека Портланд на гости ја доби Јута со 109:104.