Овогодишниот Ролан Гарос го следат голем број на скандали, а последниот во низа што направи полскиот тенисер Хуберт Хуркач. Тој беше поразен од Бугаринот Григор Димитров со 7:6, 6:4, 7:6, а среде мечот одлучи да направи шокантен потег и побара промена на судијата. Не беше задоволен од една судијка, па го повика супервизорот и се впушти во несекојдневен дијалог со својот противник.

Хуркач го праша Димитров: „дали сакаш да направиш промена или ќе продолжиш со оваа дама тука?“. Шокираниот Бугарин не знаеше за што се работи, па праша за што станува збор, па доби одговор дека се работи за судијата.

-Мислам, дали сакаш да продолжиш со оваа дама тука, дали тоа е во ред за тебе, или пак сакаш да се промени. Тоа е она што јас го велам, рече Хуркач, а Димитров му одговори дека може да прави што сака.

Сепак, супервизорот одлучи да не го промени судијата, а полскиот тенисер мораше да се помири со тоа, а потоа и со елиминацијата од Ролан Гарос.

Димитров во четвртфиналето ќе игра против Италијанецот Јаник Синер, кој славеше против Французинот Корентин Муте со 3:1 во сетови.

Шпанецот Карлос Алкараз се пласираше во четвртфиналето по победата над Канаѓанецот Феликс Оже – Алијасим со 6:3, 6:3, 6:3 и во четвртфиналето ќе се соочи со Гркот Стефанос Циципас.