Христијан Мицкоски за весникот Вечер: Висока политичка елита е вмешана во Рекет

175

-Има уште десетици луѓе кои биле жртва на рекет од владини функционери, од луѓе кои управуваат со институциите во државата и целокупниот тој материјал што ни го доставуваат, ние ги мотивираме и охрабруваме да го достават во обвинителството, онаму каде што му е местото, оти ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија. Ние ќе чекаме обвинителството да постапува по тие материјали, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за весникот ВЕЧЕР.

Дел од бизнисмените сè уште се плашат да пријават, оти, нели, „дојде живот„, после ќе нема инспекција која нема да ги посети нив и нивните бизниси.Можеби дел од доказите останале, можеби не останале во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но јавноста ќе дознае. 

Лидерот на најголемата опозициска партија во интервјуто зборува за предвремените избори и за можните коалиции, за Преспанскиот договор, за аферата Рекет, за пописот и за други актуелни теми. Во интервјуто кое во целост ќе се објави во утрешниот број на весникот ВЕЧЕР, Мицковски одговара и за споредбите со политиките на поранешниот претседател на партијата Никола Груевски, како и за тоа што ќе се случува со партијата доколку не дојде на власт по изборите на 12 април.

Колку, според Вас, „Рекет“ влијаеше и ги уништи и најмалите шанси за добивање на датум за преговори?

И покрај сите напади од нашето членство дека сме пасивни, во екот на најголемите криминални и корупциски афери му дадовме шанса на целиот процес, си велиме октомври ќе дојде, можеби датум за преговори ќе го врати оптимизмот кај граѓаните, но фактите се поразителни и ние не добивме датум. Тоа не е затоа што опозицијата не испорача, тоа е поради тоа што Владата не испорача, но секој оној што не ги гледаше знаците покрај патот, го изгуби патот. Не се на прав пат, како што велат, туку на многу погрешен пат. А знаците беа многу јасни – нула толеранција за корупцијата, нула толеранција за криминалот, доста е од политички уцени, злоупотреби на законите и на Уставот, но тоа некој не успеа да го види и не успеа да го испорача.

Аферата „Рекет“ е најголемата корупциска афера и според сведочењата на луѓе кои биле околу таа група луѓе кои денеска се осомничени, знаат дека не се тие кои го напишале сценариото и го операционализирале. Не може овие тројца луѓе – притвореничката Катица Јанева, Бојан Јовановски, и Зоран Милевски тоа да го направат без согласност на некој многу моќен политички човек. Имаме директно и индиректно учество на висока политичката елита во аферата „Рекет“, но верувајте не е само „Рекет 1“, има и „Рекет 2“ , „Рекет 3“. Не се знае колку продолженија ќе има оваа афера.

(Целото интервју прочитајте го во утрешниот број на весникот)