Според хрватските медиуми, овој високо професионален музичко-театарски концепт ги надминал границите на класичната концертна изведба. „Слободна Далмација“ објави: „Кога ќе се додадат сите епитети во прилог на ова концертно доживување, кое не може да има ригидна дефиниција во припадноста на жанрот и видот, фактички тоа уметничко дело добива епско значење“. Медиумите во Хрватска го нарекоа Националниот џез оркестар и „најлудиот оркестар на Балканот“

 

„Делириум во Сплит“, „Еуфорија во Шибеник“, „Националниот џез-оркестар и Рамбо го разбудија Вис”… Ова се само мал дел од насловите во хрватските медиуми во текот на неодамнешната мини турнеја, во рамките на која македонскиот Национален џез оркестар и Рамбо Амадеус настапија на три престижни концертни сцени на Хрватското Приморје. Како што посочуваат од Националниот џез-оркестар, нивните настапи добиле извонредни критики во хрватските медиуми, а секое нивно излегување на сцена било наградено со громогласни овации од присутната публика. Според хрватските медиуми, овој високо професионален музичко-театарски концепт ги надминал границите на класичната концертна изведба. „Слободна Далмација“ објави: „Кога ќе се додадат сите епитети во прилог на ова концертно доживување, кое не може да има ригидна дефиниција во припадноста на жанрот и видот, фактички тоа уметничко дело добива епско значење“. Медиумите во Хрватска го нарекоа Националниот џез-оркестар и  „најлудиот оркестар на Балканот“.

Долго ќе се памети нивниот концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации од публиката, која, во Сплит, ги повикува музичарите на бис, а музичката критика го оцени овој настап како ексклузивен, кој, можеби, никогаш не се случил на оваа сцена.

„Уште сме под импресии откако ја завршивме нашата турнеја низ Хрватска, во рамките на која беа реализирани три концерти, на кои со нас настапи нашиот пријател, извонредниот уметник Рамбо Амадеус. Оваа наша соработка се покажа како исклучително успешна, а пред публиката се претставивме со биг бенд аранжмани на композициите на Рамбо, подготвени од нашите членови, кои македонската публика имаше можност да ги чуе пред година и пол, на концертот што се одржа на сцената на Филхармонијата“, велат од Националниот џез- оркестар.

Овој пат трите концерти обединија три различни контексти и хронотопи, при што првиот настап беше на 25 јуни во Шибеник, на тврдината Свети Миховила. Следуваа концертот на 28 јуни, во рамките на првото издание на фестивалот „Island Vis Music Breeze“, и концертот во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, кој се одржа на 1 јули.

„Изведбите на толку различни сцени бараат различен фокус при изведбата, по што дојдовме назад со богато искуство, но и со полни срца, бидејќи настапите беа одлично прифатени од публиката, се изродија безброј нови можности за нови соработки, а концертите беа комплетно распродадени во рекорден рок“, додаваат од Националниот џез-оркестар.

„Концертот  во Шибеник почна во релативно мирна концертна атмосфера и кон средината на концертот, веќе цела публика беше на нозе и се случи голема концертна еуфорија со скандирање од публиката…“, пишуваа медиумите за концертот во Шибеник, на тврдината Свети Миховила, додека настапот во Хрватскиот народен театар во Сплит беше опишан како „редок вид театарско-музички перформанс креиран од НЏО И Рамбо. Помеѓу НЏО и Рамбо имаше ретко видена и слушната интеракција, каде што целиот концерт повеќе наликуваше на музичка драмска претстава со високо креативна нарација на Рамбо Амадеус”. Критиката имаше најпофални зборови за настапот на Оркестарот и за сите музичари, оценувајќи дека „Оркестарот ѝ се претстави на хрватската публика на највисоко професионално ниво и воедно прикажа вистинска непосредност во комуникацијата со Рамбо. Солистите блескаа во сите солистички делници”.

Националниот џез-оркестар ќе го има следното патување во Охрид, на 11 август, на летната сцена во Долни Сарај.