Уште пет деца и еден возрасен се хоспитализирани денеска до 10 часот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје со клиничка слика на морбили (мали сипаници). Во моментов има 20 болни од морбили, од кои 18 се деца и двајца возрасни, соопшти Министерството за здравство.
Децата се на возраст од 9 месеци до 2,5 години, а возрасната е девојка од 24 години. Има едно дете од Радишани, а другите се од градинката „Сонце“ од Ново Лисече, општина Аеродром. Возрасната девојка е од скопската населба Кисела Вода и е со непознат вакцинален статус.
Од Клиниката информираат дека имаат 120 легла, но треба да се има предвид дека се хоспитализираат пациенти и со друга патологија. Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца.
Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче, општина Аеродром вкупно 11 деца и уште нови четири сомнителни за кои утре ќе се знае резултатот од лабораториските анализи, кои ќе потврдат или отфрлат морбили. Сите новопримени пациенти имаат клиничка слика на пациенти заболени од морбили (мали сипаници).
Како што соопшти Министерството за здравство, досега во сите вакцинални пунктови во Скопје до 13 часот вакцинирани се 1.894 лица, а само денескa вакцинирани се 30 деца.
Од Министерството за здравство уште еднаш повикуваат на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили.
– Има доволно количини од МРП вакцини. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, се вели во соопштението.
За време на викендов вакциналните пунктови во Центар, Карпош и Јане Сандански ќе работат само прва смена од 7.30 до 13 часот.