Хортикултурно се уредува дел од зеленилото во Градски Парк

37

Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ работат на хортикултурно уредување на дел од зеленилото во Градски Парк.

Во облик на алпинетум е уреден просторот спроти Хотел Канет и езерцето кај Стадионот со површина од 4.400 квадратни метри, со околу стотина зимзелени садници, мини четинари, украсни грмушки и перени.

Се предвидува да се засадат околу 250  парчиња сезонски цветен расад во повеќе бои, каде колоритно ќе се оплемени зеленилото, а на тревната површина веќе е поставена нова хидрантска мрежа од 700 метри, а заменети се и оштетените прскалки и инсталирани се нови за наводнување на зеленилото.

Ова е втората фаза од активностите за уредување на јавните зелени површини. Освен извршената реконструкција на тревната површина на овој дел, се уредува и делот спроти паркингот, пред Фонтаната „Лотосов цвет“, со површина од 1.900 квадратни метри.

Како дел од програмата за работа предвидена во делот на реконструкција на зелени површини за јавна употреба, етапно се зазеленуваат парковски површини, блоковско зеленило, како и делови на булеварско зеленило.