Полициската управа во Бања Лука го истражува случајот со запуштање на жена од околината на Лакташ, на возраст од околу 40 години, која во многу лоша психофизичка состојба била примена во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска (УКЦРС), откако со години наводно била држена во заробеништво од членовите на нејзиното семејство.
Како што пренесува АТВ, жената била примена во УКЦ на 12 септември годинава откако семејството повикало итната помош, бидејќи практично била на умирање.
Лекарите ја пронашле неухранета, онесвестена, со рани по целото тело.
– Лекарите рекоа дека вакво нешто не виделе во животот… Неизмиена со години, жената имаше коса до подот. Беше целосно запуштена, а случајот е пријавен во полициската станица во Лакташ. Полицијата постапила по пријавата, а лекарите констатирале дека има повеќе повреди по телото од лежење. Станува збор за декубитални повреди до коската. Не можеа да потврдат други повреди – изјави извор близок до истрагата, пишува АТВ.
Полицијата за се го известила дежурниот обвинител на Окружното јавно обвинителство во Бања Лука.
На полициските службеници им е наредено да достават извештај за преземените мерки и дејствија, односно да земат изјави од членови на семејството и заедно со лекарски извештаи да ги достават до обвинителството за да се утврди дали има елементи на кривично дело во целиот случај.
– Еден од браќата во полиција изјавил дека неговата сестра не излегувала од дома од 2006 година, што е цели 17 години. Тој изјавил и дека за тоа време семејството не се обратило никому за помош. Ниту на лекарите, ниту на надлежниот Центар за социјална работа, ниту на ниту една институција – открил изворот, пишува АТВ.
Тој додаде дека жената нема лични документи, наводно завршила само основно училиште и живеела во домаќинство со нејзината мајка и двајцата браќа.