Холандија сепак е преголем залак за македонските ракометарки

37

Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на Европското првенство. Избраничките на селекторот Љубомир Савевски, во 2.коло од Ц – Групата која се игра во СЦ „Борис Трајковски“ се поразени од репрезентацијата на Холандија со 15:30.

„Црвено – жолтите“ за нијанса подобро го почнаа натпреварот против „лалињата“ во однос на првиот против Франција, но повторно направија многу технички грешки во нападот и уште во првите десет минути од мечот дозволија противникот да се одлепи на пет гола разлика (1:6). Во преостанатиот дел од првото полувреме Холанѓанките постојано ја одржуваа високата разлика и на одморот заминаа со предност од осум гола (9:17).

Ништо особено не се промени на стартот од второто полувреме, освен тоа што двете репрезентации направија многу технички грешки и промашија по неколку зицери. Сепак, Холандија во педесетата минута успеа за првпат на мечот да дојде до двоцифрена предност (14:24). Во последните десет минути од мечот македонските ракометарки успеај да постигнат само еден гол, наспроти шест на „лалињата„ кој заслужено триумфираа со петнаесет голови разлика.

Најефикасна во македонскиот тим беше Сара Ристовска со 4 гола, а со по два гола мечот го завршија Јаневска, Кипријановска, Саздовска и Гичевска. Кај Холандија најмногу се истакна Смитс со 7 гола.

Македонија шансата за пласман во главната фаза ќе ја бара на последниот меч од групната фаза во среда против селекцијата на Романија.