„Харковски басни“ oд украинскиот филозоф и поет Григориј Сковорода објавени на македонски

25

„Харковски басни“ е насловот на книгата од украинскиот автор Григориј Сковорода која неодамна ја објави издавачката куќа „Македоника литера“. Преводот од украински на македонски јазик е на Ленче Тосева.

„Меѓу книжевните дела на Сковорода, највпечатливи се неговите басни, именувани од него како ‘Харковски басни’, за кои самиот напишал предговор во форма на писмо до пријател. Критичарите го опишуваат неговото творештво како необработен дијамант. Ова е прв превод на творби на Сковорода на македонски јазик, објавени со поддршка на Украинскиот институт на книгата. Во ова издание на басните му претходи и предговор на д-р Ана Витанова – Рингачева“, посочува издавачот.

Григориј Савич Сковорода (1722 – 1794) бил украински филозоф, поет, учител, композитор на литургиска музика. Просветител, мудрец, учител на животот, бунтовник, моралист, мистик. Предавал поезија, синтакса, етика, грчки јазик, зборувал повеќе јазици, служел во царскиот двор, шетал низ Европа, па талкал низ Украина. Имал силно влијание врз идната уметност, филозофија, образование и украинското општество. Зад себе оставил вредно разновидно творештво, во кое спаѓаат и триесет извонредни авторски басни.

По патувањата низ Централна Европа, кога ги посетил Полска, Унгарија, Австрија, Прусија и Италија, а студира на Универзитетот во Хале, се вратил во Украина, станал предавач на Перејаславскиот колегиум (подоцна трансформиран во Теолошка семинарија). Таму, пак, дошол во судир со епископот поради неписменоста на свештенството во областа на уметноста… Во последните 25 години од својот живот тој ги проповедал своите ставови меѓу народот. Слабо облечен (потекнувал од сиромашно козачко семејство) и само со најпотребните работи и книги во чантата, тој патувал по селските колиби и богатите куќи, образувајќи ги луѓето. Неговата слава се ширела – некои го критикувале, други го фалеле, но сите сакале да го видат. Во овој период тој ги напишал повеќето свои дела. По неговата смрт, неговите дела биле копирани, печатени и дистрибуирани.

Филозофските трактати на Сковорода се посветени на теми како што се самоспознанието, разумот и човечката среќа. Тие сугерираат дека секој отров нема непријатен вкус; да не тагуваш за изгубените и да не се радуваш на останатите; дека ако го достигнеш врвот, ќе бидеш во средината; дека презадоволството води до ситост, заситеноста до досадата, досадата пак до духовната болка, а тој што страда од тоа не може да се нарече здрав.