Хаос во градскиот превоз – има ли нов играч на линија ?!

412

Додека приватните автобуски превозници со денови преговараат да најдат решение за проблемот што настана со ЈСП – Скопје и Град Скопје, од каде што треба да им бидат префрлени пари за работењето, во јавноста почнаа да се лиферуваат шпекулации дека зад целиот овој случај стои нов играч, некоја сосема трета компанија од соседството, која би влегла во бизнисот со градскиот превоз. 

Додека приватните автобуски превозници со денови преговараат да најдат решение за проблемот што настана со ЈСП – Скопје и Град Скопје, од каде што треба да им бидат префрлени пари за работењето, во јавноста почнаа да се лиферуваат шпекулации дека зад целиот овој случај стои нов играч, некоја сосема трета компанија од соседството, која би влегла во бизнисот со градскиот превоз.

Дел од возачите на приватните превозници неофицијално потврдија дека надлежните сакаат да ги исклучат од јавниот превоз со цел, како што изјавија денеска, да можат да си склучат договор со некоја мултинационална компанија или фирма од соседството.

Првиот човек на претпријатието „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, ги класифицираше ваквите шпекулации како претпоставки.

– Јас лично немам такво сознание и токму затоа не сакам да шпекулирам. Сепак, најверојатно, станува збор за одредени размислувања на превозниците поради фактот што на терен нема доволно автобуси за да ги превезуваат патниците, а ЈСП нема доволно капацитет да ги покрива сите линии на кои во моментов не возат приватните автобуски превозници – смета Јовановски.

Во меѓувреме, линиите што не ги опслужуваат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ се покриени со автобуси од ЈСП, но граѓаните сметаат дека тие не се доволни. Во јавноста веќе се шпекулира и дека има други фирми  кои се заинтересирани  да влезат  во ЈСП.

Инаку, автобус на „Слобода превоз“ на кој беше испишано „Данела Арсовска“, денеска беше паркиран на булеварот „Илинден“ спроти Градското собрание. На ваков начин, превозниците сакаа да покажат дека ѝ се лути на Арсовска, бидејќи не им одговара на барањето за прием. Ним им се придружија и превозниците од „Макекспрес“.

– Автобусот е тој во кој се возеше Арсовска за време на предизборната кампања, а во кој бев и јас. Превозниците со него на симболичен начин сакаат да ја потсетат на сето она што го ветуваше во врска со превозот, но и да најде решение за проблемот. Тие се упатија со него пред Град Скопје откако дојдоа во мојата канцеларија и ме прашаа дали одговорила на барањето за прием кај неа. На нивна иницијатива, кога го слушнаа одговорот, се упатија со автобусот кај градоначалничката да чекаат прием – изјави Јовановски.

Претставникот на „Слобода превоз”, Кемал Муриќ, пред бараките на Град Скопје изјави дека на овој начин сакаат да го искажат незадоволството од состојбата во која се наоѓаат сега, предизвикана од огромниот долг што Јавното сообраќајно претпријатие не го исплатува.

– Дојдовме овде, културно и цивилизирано, да побараме средба со градоначалничката Арсовска. Сметаме дека е погрешно информирана, сакаме да ги чуе нашите аргументи во прво лице. Доведени сме на работ на глад. Ако кажам на глад, тоа е мал збор. Доведени сме во состојба да ни чукаат извршители на врата, бидејќи сме задолжени со кредити и слични работи. Ништо друго не бараме, ние сме чесни луѓе, домаќини. Повеќето од нас преку 30 години ја вршат оваа дејност, јавен градски превоз Скопје и убеден сум дека без нашето присуство и нашата помош во извршувањето на превозот, ќе дојде до колапс на јавниот градски превоз – истакна Муриќ.

Тој напомена дека приватните превозници ќе останат пред Градот сè додека трае работното време.

– Искрено ни е жал што дојдовме до ваква состојба, меѓутоа долгот е заеднички на сите превозници и ја премина границата од милион и пол евра и повеќе – додаде Муриќ.

Појасни дека во моментов, во Скопје, ниту една приватна линија не вози, но, како што рече, доколку веднаш се договорат за исплата на долгот, веднаш ќе продолжат со работа.

– Ако се договориме и ни пуштат некои пари, не ги бараме сите пари, ќе покажеме разбирање за состојбата во која се наоѓа Град Скопје. Нека ни дадат дел од парите да наполниме гориво и веднаш ќе ги упатиме автобусите на линија – додаде Муриќ.

Приватните превозници ја донесоа одлуката за штрајк во вторникот доцна попладнето.

Градоначалничката Арсовска, во вторникот, за прв пат испрати инспекции во „Слобода превоз“, на што Јовановски реагираше дека не памети дотогаш во просториите на ова претпријатие да дошле инспектори од Град Скопје и да вршат притисок.

– Ова е удбашка метода и може само да ја влоши состојбата. Нам ни должат милиони – истакна Јовановски, посочувајќи дека не им е исплатено дел за август и за септември и октомври.

На тримесечен долг претходно се пожалија и од приватниот превозник „Макекспрес“, но откако си ги побараа парите, договорот им беше раскинат. Во моментов, приватните превозници возат на 15 линии во градскиот превоз. ЈСП покрива дел од овие линии, но сега тие се поретки, што, пак, резултира со гужва и нервоза кај граѓаните.

(А.П.) – (С.Бл.)

Фото: Петр Стојановски