Трката за Големата награда на Турција понуди доста возбудувања, а најголеми причини за радост имаше кај победникот Валтери Ботас од Мерцедес и второпласираниот Макс Верстапен од Ред Бул.

Финецот ја запиша својата десетта победа во кариерата, прва сезонава, а до неа дојде на убедлив начин, со соло трка во која во ниту еден момент не му беше загрозена победата.

  • Помина долго време, но чувството е одлично. Од моја страна, тоа беше една од најдобрите трки што сум ги имал. Болидот беше добар во сите услови, јас му верував. Мило ми е што се мина без проблеми, истакна финскиот возач, а пренесе „Би-би-си“.

Од друга страна, неговиот тимски колега од Мерцедес и актуелен шампион, Британецот Луис Хамилтон, беше крајно разочаран од одлуката на тимот, кога на девет круга пред крајот му наредија да замине во боксот за да му ги сменат пневматиците, па од третата позиција што ја имаше мораше да се задоволи со петто место на крајот.

  • Требаше да останам на патеката. Чувството ми велеше – остани. Разочаран сум бидејќи не се послушав себеси. Ќе беше одлично доколку останев на третата позиција, со оглед на тоа дека стартував како 11. Ова е лошо, а можеше да биде и уште полошо, изјави разочарано Хамилтон.

Затоа, причина за славење имаше кај Макс Верстапен, кој го презеде врвот во генералниот пласман од Хамилтон и на шест трки до крајот на сезоната има шест бодови повеќе од Британецот.

  • Јас сум пресреќен. На крајот за пласманот одлучуваше изборот на гуми. Но, признавам, среќен сум што сум на подиумот. Нормално, и поради тоа што сум повторно лидер во шампионатот, истакна Верстапен.