Халил Јагањац меѓу петте најголеми ѕвезди во СЕХА лига (Видео)

37

Бекот на макдонскиот ракометен вицешампион Металург, Хрватот Халил Јагањац се закити со уште едно големо признание – избран е меѓу петте најголеми ѕвезди во СЕХА лига, во сезона 2017/18.

Освен Јагањац, меѓу петте најголеми ѕвезди на лигата се и Жига Млакар (Целје П.Л.), Иван Пешиќ (Мешков Брест), Лука Циндриќ (Вардар) и Златко Хорват (ППД Загреб).

Со постигнати 100 гола, Јагањац стана најдобар стрелец на СЕХА-Газпром лигата во својата дебитанска сезона, што е постигнување кое зборува само за себе. Тој има само 19 години, а во редовите на Металург дојде од ПСЖ, каде мина една година, без да добие вистинска шанса, се вели во објаснувањето на челниците на СЕХА лига

Неговиот талент експлодираше во Металург, иако на почетокот му требаше време за да се прилагоди на новиот систем, практикуван од тренерите Лино Червар и Александар Јовиќ. Сепак, тој брзо влезе во вистинска форма и тоа беше крунисано со титулата најдобар стрелец во лигата. Јагањац е единствен ракометар кој сезонава на дури 4 средби во СЕХА-лигата постигна по 9 гола, а тој го држи и сезонскиот рекорд – постигна 10 гола на средбата против Динамо Панчево, во декември 2017.

Неговите игри во СЕХА-лигата, особено во октомври и во ноември, му донесоа и повик во хрватската репрезентација на ЕП во Хрватска.

Халил својата кариера ја почна во малиот локален клуб МРК Козала од Риека.