Фармацевтската компанија „Фајзер“ ја тужеше Унгарија: Владата не исплатила за испорачани вакцини

146

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нејзиниот партнер Бајонтек покренаа правна постапка против Владата на Унгарија поради испорака на вакцина против Ковид, објави „Политико“.

Портпаролот на „Фајзер’ го потврди случајот, кој е во тек пред белгискиот суд, и посочи дека „преговорите со владата во Будимпешта продолжуваат“.

Документот покажува дека случајот се однесува на исплата на три милиони дози вакцина, вредна околу 60 милиони евра. Спорот започна кога Унгарија го извести „Фајзер“ во ноември 2022 година дека нема намера да плати, наведувајќи го конфликтот во Украина како причина.

Судијата го одржа првото рочиште за случајот во март, кога го одби барањето на Фајзер за брзо одлучување и оттогаш ништо не се случи.

Тужбата на „Фајзер“ против Унгарија е идентична со онаа што компанијата ја поднесе против Полска. Во двата случаи, земјите беа тужени затоа што одбиле да ја преземат и да платат за испорака на вакцините што ги побарале.

Денеска првостепениот суд во Брисел го одржа првото рочиште во врска со тужбата против Полска и двете страни се договорија да се одложи до 30 јануари.

„Фајзер“ ја тужеше Полска затоа што одби да прифати испорака на 60 милиони дози од вакцината нарачани во април минатата година. Варшава се повика на виша сила, наведувајќи го притисокот врз нејзините финансии по приливот на бегалци од руската инвазија на Украина.

Американската компанија побарува 1,2 милијарди евра од Полска, според Политико, а во тужбата се приклучи и Бајонтек.

Двата случаи додаваат на се поголем број правни дејствија поврзани со напорите на Европската унија да набави што е можно повеќе вакцини во ерата на пандемијата.

Белгискиот лобист Фредерик Балдан поднесе кривична пријава против претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за нејзината наводна улога во посредувањето во договорот за купување на дури 1,1 милијарди дози од вакцината.

Во меѓувреме, „Њујорк Тајмс“ ја тужеше Европската комисија за одбивање да ги открие пораките разменети меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурло.

Конечно, и Европското јавно обвинителство лани во октомври преку кратко соопштение објави дека отворило истрага за набавката на вакцината, но не прецизираа кого истражуваат.