Функционерските плати ќе се намалат, најверојатно пред да падне првиот снег  

Ќе има ли конечно решение за високите месечни примања

1752

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за да има пари за пензионерите и студентите, неопходно е да се намалат функционерските плати до крајот на овој месец. Според него, неопходни се и законски измени што ќе бидат изгласани во Собранието до крајот на годината. -Парите што ќе останат ќе ги вратиме на пензионерите, студентите и на сите на кои повеќе им се потребни од можеби на одредени функционери, кажа вчера вицепремиерот Битиќи. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на 18 октомври годинава најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое, на како што кажа, на поприфатливо ниво ќе се коригираат функционерските плати. Зголемување на платите за над илјада евра се случи со одлука Уставниот суд во март годинава

 

 

Темата за функционерските плати не губи од актуелноста, бидејќи тие  пред 7 месеци се покачија за миг, со една одлука на Уставниот суд, а по  бурните реакции на јавноста со месеци се бара модел како да бидат намалени. Последната информација е дека до крајот на ноември функционерските плати ќе бидат намалени, а парите што ќе се соберат ќе им бидат вратени на пензионерите, студентите и на сите оние на кои им се повеќе потребни. Ова денеска го кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, правдајќи го министерот за информатичко општество и јавна администрација Азир Алиу кои, како што кажа бил во странство и затоа досега немало решение за намалување на функционерски плати.

-Министерот за информатичко општество не бeше во државава овие денови, мислам дека неделава ќе се состанеме пак за конечно да се предложи решение – кажа Битиќи на денешното отворањето на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на градинката „Весели цветови“ во општината Кисела Вода.

Според него неопходни се и законски измени што ќе бидат изгласани во Собранието до крајот на годината.

-Парите што ќе останат ќе им ги вратиме на пензионерите, студентите и на сите на кои што повеќе им се потребни од можеби на одредени функционери, кажа вицепремиерот Битиќи.

Во меѓувреме, додека функционерите си земаат со месеци огромни плати,  речиси и да нема работник во државата кои својот револт од ниските плати со кои не може да се преживее месецот не го искажа на улица. Протести за раст на платите од 2.000 до 3.000 денари има и од работниците од јавната администрација, здравството, судството, образованието, а највозрасните граѓани – пензионери борбата за достоинствен живот ја започнаа по улиците низ сите градови во Македонија уште во август. Тие се незадоволни од односот на власта кон нив. Велат дека цел живот учествувале во изградбата на државата, а сега ги собираат трошките.

-Со пензија од 200 евра не може да се помине месецот, оти ако ја платам струја и водата, ако ги набавам месечните потреби за лекови, за храна ми останува 400 денари. Што попрво да купам лекови или храна – прашува  една пензионерка од Битола.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на 18 октомври годинава најави дека за недела до две ќе биде готов работниот материјал за законското решение со кое на како што кажа на поприфатливо ниво ќе се коригираат функционерските плати. Функционерите со одлука на Уставниот суд, веќе повеќе од седум месеци земаат плати кои се зголемени за 78 отсто. Премиерот тогаш објасни дека  министрите од економските ресори се задолжени активно да работат за што побрзо да се најде решение и да се постигне усогласување на платата што ќе биде одржливо.

-Решението до кое ќе дојдат министрите ќе биде презентирано на Влада, а подоцна ќе треба да биде пратено во собраниска процедура, изјави  во неколку наврати Ковачевски.

Според него за да се заокружи целокупниот процес треба да се изменат и неколку закони. Зголемување на платите за над илјада евра се случи со одлука Уставниот суд во март, при што се укина членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Со неговото укинување се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани.

Mинистерот за финансии Фатмир Бесими деновиве кажа дека во Предлог-буџетот за 2024 година не се проектирани средства за функционерските плати. Ќе има пари само за исплата на повисоките плати за вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото усогласување и методологијата со која два пати во годината пензиите се усогласуваат со трошоците на животот.

-Во предлог -буџетот за 2024 година има предвидено средства и за К-15. Годинава овој паричен додаток, за првпат во износ од 10.000 денари, ќе го земат вработените во јавната администрација, а  од наредната тој ќе биде повисок или 30% од просечната нето-плата. Она што не е планирано се средства за раст на платите на функционерите, тврди министерот Бесими, кој посочи дека за исплата на зголемените плати се обезбедени дополнителни 160 милиони евра.   

(В.Ма.)