Функционерските плати го кренаа просекот, обичниот работник се подалеку од просечната плата

Додека функционерите веќе ги примија зголемените плати за 78 отсто, незадоволството кај работниците постојано расте. Од Синдикатите велат дека  додека од Владата се фалат дека расте просечната плата се повеќе работници земаат под просечната плата и поради тоа често се на улици и протестираат. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 306.943 работници во државава земаат плати до 30.000 денари. Процентуално тоа значи дека околу 60 отсто од вработените се за 4.925 денари под просекот

1150

И додека од Владата се фалат дека просечната плата во март се зголемила на рекордни 34.925 денари, синдикатите секојдневно протестираат и бараат зголемување на платите на работниците. Тие сè уште ја чекаат одлуката од Владата по која методологија ќе се пресметуваат платите на работниците во јавниот сектор. Од друга страна функционерите веќе ги примија зголемените плати за 78 отсто, кој го кренаа просекот на државата, но обичниот работник го оддалечија од просечната плата. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 306.943 работници во државава земаат плати до 30.000 денари. Процентуално тоа значи дека околу 60 отсто од вработените се за 4.925 денари под просекот за нето-плата што го пресмета Статистика.

Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата  на  Синдикални Организации на Македонија (КСОМ) за весникот ВЕЧЕР вели дека наместо да се фалат за колку пораснала просечната плата од Владата треба да поработат на новата методологија и да кажат за колку и од кога ќе се зголемат платите на останатите работници.

-Од Владата сè уште не се изјасниле по која методологија ќе се пресметуваат платите на работниците во јавниот сектор. Ние бараме зголемување на платите веднаш, а тие најавија дека тоа може да се случи за пет години, односно во 2028 година. Се прашуваме како за нив можеше да се зголемат веднаш, а работниците треба да чекаат уште 5 години, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ристески.

Според него, со зголемување на минималната плата требаше да се зголемат и сите останати плати, но тоа не се случи и поради тоа се повеќе работници секојдневно се на улица и протестираат.

Седницата на Економско социјалниот совет која требаше да се одржи пред еден месец и на која требаше да се разговара за новиот закон за работни односи, новиот колективен договор К-14 во јавниот сектор се уште не е одржана.

-Не знам дали не знаат што да прават или купуваат време. И додека од Владата се фалат дека расте просечната плата се повеќе работници земаат под просечната плата и поради тоа често се на улици и протестираат, додава Ристески.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека порастот на платите на работниците не го следи трендот со порастот на цените на мало и инфлацијата што ја имавме минатата и оваа година. И покрај тоа што просечната плата последните пет години е зголемена за повеќе од 10 илјади денари, сепак тоа не е доволно имајќи предвид дека минималната потрошувачка кошничка за овој период порасна за 20.000 денари.

– Зголемените функционерки плати го зголемија просекот во државата. Голем проблем е што платите само за политичарите се зголемуваат, а не за сите вработени со што нивното дневно зголемување просечно е колку нашето месечно. ССМ минатата година бараше 2.806 денари за сите како солидарно решение и линеарно покачување на сите имајќи предвид дека тоа е најфер решение и за работниците и за државата. За жал, истото не се случи секаде освен во некои поединечни претпријатија и општини преку колективните договори. Оваа година зголемувањето од 2.175 денари излезе дека е фер и може да биде системско решение за сите, но сè уште Владата не го даде ова зголемување на платите на сите вработени туку само на тие што се на минимална плата, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.

Од Синдикатот велат дека просекот воопшто не треба да се пресметува бидејќи не дава реална слика затоа што голем дел работници сè уште земаат плата во плик. Најголем дел од вработените во државата се помеѓу минимална и просечна плата и затоа е тоа секојдневно незадоволство поради лошиот стандард на граѓаните.

Просечната исплатена нето-плата по вработен во Македонија за месец март 2023 година е рекордни 34.925 денари, а вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се пофали дека оваа влада со носењето на предвидливи и конзистентни економски политики и понатаму ќе овозможи константно зголемување на стандардот на своите граѓани.

-Платите се очекува да продолжат да растат 10 до 20 отсто во наредните неколку месеци. Дополнително креираме нови високо платени работни места, носејќи инвеститори кои воведуваат нови технологии и чии производи и услуги имаат висока додадена вредност, што неодминливо ја зголемува продуктивноста на целокупната домашна економија, а тоа е основниот двигател на растот на платите кои се повеќе и повеќе ќе растат, изјави Битиќи.

Сепак и покрај зголемената просечна плата со 560 евра Македонија ја има најниската просечна плата на Балканот. Просечната плата во регионот е највисока во Црна Гора и изнесува 757 евра, во Србија изнесува 706 евра, во Босна и Херцеговина 617 евра, а во Хрватска 1.256 евра.

(А.С.)