Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија во првиот домашен меч во Лигата на шампионите, во рамките на второто коло од Фуксе Берлин со 22:30. Пред полните трибини на салата „Боро Чурлевски“, одново во солидна атмосфера се одигра уште еден меч од европската елита. Сепак, на теренот фаворитот не дозволи изненадување, а и пелистерци доста грешеа. Фуксе го имаше расположениот голман Дејан Милосављев, а и Никола Митревски имаше солидна партија, но тоа беше недоволно за позитивен исход.
Човек на натпреварот беше екс-голманот на Вардар, Милосављев кој собра 14 интервенции, додека Никола Митревски на спротивната страна имаше осум. Кај стрелците се истакна Ласе Андерсон со седум, а Матијас Гидсел даде шест. Во таборот на Еурофарм Пелистер најефикасен беше Богдан Радивојевиќ со пет гола, додека Филип Кузмановски натпреварот го заврши со четри гола.