Француските кошаркари кои се ангажирани или кои се пред потпис за руски или белоруски клубови нема да можат да играат за националниот тим до крајот на војната во Украина, соопштија од Француската кошаркарска федерација.

-Играчите и тренерите повеќе нема да играат за националните тимови доколку потпишат договор со руски или белоруски клуб се додека трае конфликтот, се вели во соопштението на Кошаркарскиот сојуз на Франција.

Одлуката, се додава, е донесена на 28 јули и „се однесува на играчи кои веќе потпишале договори со руски или белоруски клубови“. Ова прашање стана во фокусот откако француските репрезентативци Ливио Жан-Шарл и Луј Лабери потпишаа за ЦСКА Москва, односно Уникс.

По инвазијата на руската армија на Украина на 24 февруари, Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) одлучи да ги исклучи Русија и Белорусија од сите натпреварувања во својата организација до понатамошно известување. Истата одлука ја донесе и Евролигата.