Француската Влада ќе создаде „дело за екоцид“ за казнување на штетата врз животната средина

15

 Во заедничкото интервју за ЖДД (Журнал ди диманш), министерот за правда Ерик Дипонт-Морети и за екологија Барбара Помпили детално го опишаа новото дело – „дело за екоцид“, кое нема да биде кривично дело како што посакуваа 150-те граѓани од Конвенцијата за клима,  јави дописникот на МИА од Париз.

Граѓанскиот ентузијазам што е изразен мора да биде проследен со законски превод во кривичниот законик, објаснува министерот за правда, според кој постои проблем со  уставноста во однос на зборот „кривично дело“.

Тој рече дека ќе се создаде општ прекршок за загадување. – Казните ќе бидат применети според намерата на извршителот. Изречените казни се движат од три до десет години затвор во зависност од тоа дали постои дело на непромисленост, очигледно намерно кршење на обврска и најтешко, намерно извршено дело, објасни Дипонт-Морети.

Казните треба да бидат обесхрабрувачки, тие ќе се движат од 375.000 до 4,5 милиони евра.

– Во минатото загадувавте, победувавте, утре ќе загадувате, ќе плаќате до десет пати повеќе од добивката што би ја оствариле доколку го фрлите отпадот во реката, уверува министерката за правда.

Според намерите на француската Влада треба да се воведе и втор прекршок за „загрозување на животната средина“.

За разлика од првите, санкциите може да важат дури и кога загадувањето сè уште не е извршено, соопшти Министерството за еколошка транзиција

Текстот има за цел да го казни намерното загрозување на животната средина со намерно кршење на обврска, подвлекува Дипонд-Морети во ЖДД. Казната е една година затвор и парична казна од 100.000 евра.

Помпили вели дека тоа е всушност превод, во прецизни правни термини, на она што го бараа историските промотори на признавање на екоцидот.

Конвенцијата за климата на граѓаните е основана во октомври 2019 година на барање на тогашниот премиер Едуард Филип. На неа се собраа 150 граѓани извлечени со жрепка со цел да се предложат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови. Таа му понуди 149 предлози на Емануел Макрон, кој се обврза да земе во предвид 146.

Извор:МИА