Формирана е работна групи за што побрзо да се реализира реконструкцијата на шалтерската сала на „Македонска пошта“, по апелите на евроамбасадорот Дејвид Гир да не се дозволи да пропадне објектот. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека реконструкцијата на зградата на „Македонска пошта“ ќе биде со европски фондови, и очекува во догледно време да има предлог до Владата.
– Евроамбасадорот во суштина бара да бидеме малку побрзи. Инаку, се работи, има формирано работна група помеѓу Министерството за култура и „Македонска пошта“ за да се види начинот, како е возможно од друга институција да се инвестира во дел од објектот на „Македонска пошта“. Мислам дека се во финална фаза на елиминирање на правните недостатоци што оневозможуваа досега да се интервенира и оти во догледно време, ќе дојдат со предлог до Владата, за веќе да почне да се реализира инвестицијата. Инаку, таа ќе биде преку европски фондови, што, едноставно сакаат да ни помогнат, тоа што е културно наследство, да го зачуваме – истакна Битиќи.