Владини претставници денеска продолжија со консултации и информирање на најважните чинители и јавноста за последниот модифициран предлог составен во рамките на француското претседателство со ЕУ, со којшто, доколку биде прифатен од македонска страна, треба да го тргне бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. А продолжуваат и експертските анализи на разликите на модифицираниот и првичниот француски предлог.

Според д-р Малинка Ристевска Јорданова,член на Управниот одбор на Институтот за европска политика(ЕПИ), во новиот предлог се направени само формални, но не и суштествени промени во однос на претходниот.

„Преговорите се отвораат по министерската конференција и по измената на Уставот, со што е задоволено бугарското барање. Политичкиот состанок е измислен како увертура за Владата на Македонија да може да го прикаже ова како отворање на преговорите. Нема никакви гаранции во предложените документи дека нема да има натамошни бугарски условувања. Наспроти тоа, Бугарија со овој пакет си ги обезбеди гаранциите однапред – нејзините барања стануваат целосно дел од процесот на пристапување и добиваат легална основа во пакетот на документи на ЕУ…

Во Општиот став (кој ја вклучува Преговарачката рамка) јасно е упатувањето на член 12 од Договорот со Бугарија – преку “годишен преглед и мерки за негово ефективно спроведување….” во согласност со низа документи, меѓу кои и „други заклучоци на Советот“. Обидот да се скрие протоколот во Преговарачката рамка е провиден…

Историјата станува дел од преговарачката рамка преку внесувањето на упатување на член 12 од Договорот за пријателство и содржината на Протоколот, кој Владата не го објавила (затоа се повикуваме на текстот објавен од македонската редакција на Дојче Веле). Историјата во Протоколот не е застапена само во одредбите кои се однесуваат на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, туку и во одредбите кои се однесуваат, на пример, на говорот на омраза (вклучувајќи ги спомениците и учебниците), и рехабилитација на жртвите на комунизмот…

Во предлогот стои формулација дека во поглед на преводите на акуис(acquis) на македонски јазик, ЕУ „ги зела предвид“ унилатералните декларации за македонскиот јазик. Бугарија со ова суштествено става „резерва“, на која ќе може да се повика во натамошниот тек на преговорите. Во новите документи, како ни во претходните, нема ниеден друг елемент на заштита на македонскиот идентитет…

Наспроти тоа, според и онака асиметричниот билатерален договор со Бугарија, ние во Протоколот го потврдуваме ставот дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, вклучувајќи и во правата на граѓаните кои не се наши државјани, иако во меѓународното право остварувањето на човековите права е над мешањето во внатрешните работи“, стои во анализата на д-р Ристевска Јорданова.

Министерот Бујар Османи вчера потенцираше дека македонскиот јазик ќе биде еден од јазиците во ЕУ. Бугарија, како што тврди, ќе го искаже својот став за нашиот јазик во изјава согласно Португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти, а изјавата ќе влезе во записникот, но не влегува во ниту еден документ. Тој додава дека во записникот ќе има исто така и македонска изјава. Според него, лага е исто така дека билатералните прашања односно дека историските прашања влегуваат сега во рамката, зашто тие биле секогаш дел од рамката.  Во делот на одредниците односно патоказот, министерот објаснува дека делот за човекови и малцински права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план“.

-Повторно е истата содржина во која што вели: „Северна Македонија низ инклузивен процес ќе подготви акциски план наменет за заштита на правата на лицата коишто припаѓаат на малцинствата и заедниците, вклучувајќи го полето на недискриминација, борба против говор на омраза, образование – се мисли на образование на право, не се шпекулира дека се тоа историски прашања, како и ефективни мерки за идентификување на одговорни институции коишто тоа ќе го гарантираат“. Тоа е во нашиот акциски план за малцински права, нагласи Османи.

Министерот за надворешни работи смета дека предлогот доставен од француското претседателство со ЕУ е добар, ни го отвора патот и ни овозможува да го фатиме последниот воз за ЕУ. Неговото неприфаќање носи ризици за бесперспективност, кризи, меѓуетнички тензии, и заглавување во балканската кал.

(И.С.)