„Фонтана“ од лава веќе пет недели го уништува островот Ла Палма/ВИДЕО

62

Вулканот, кој еруптира на шпанскиот остров Ла Палма пред пет недели, станува се поактивен, потврдија официјални лица.

Делумниот колапс на кратерот на вулканот предизвика нова река од лава, која сега ги зафаќа областите на островот кои претходно беа недопрени.

Институтот за вулканологија на Канарските Острови го опиша феноменот како „огромна фонтана од лава“.

Жителите со страв гледаат во кој правец ќе се движи новата река лава, а властите се подготвуваат да евакуираат уште луѓе. Благодарение на брзите реакции на властите, поради кои беа евакуирани околу 10 отсто од населението, нема загинати во ерупцијата на вулканот на Ла Палма.

Сепак, лавата уништила повеќе од 2.000 згради, главно куќи, а зафатила повеќе од 900 хектари. Градовите во близина на вулканот се покриени со пепел.

Реките од лава кои се спуштаат по падината на вулканот се широки речиси три километри, а на рабовите на вулканот постојано се појавуваат нови пукнатини од кои излегува лава.

Едната река од лава веќе стигнала до Атлантскиот Океан, а другата запрела кога влегла во населено место на брегот, уништувајќи се пред себе.

Само минатата недела беа регистрирани повеќе од 800 земјотреси на Ла Палма, дел од нив жителите воопшто не ги почувствувале. Најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.