За првпат во македонската понова историја, Националната опера и балет и Танец ќе прозвучат заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски орски и вокални мелодии…
На сцената на Националната опера и балет, утревечер, (27 септември) со почеток во 20 часот ќе се одржи ексклузивен настан, „Фолклорно-класична симбиоза“, музичко-сценски спектакл на НУ Национална опера и балет и НУ Танец.
За прв пат во македонската понова историја, Националната опера и балет и Танец ќе прозвучат заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“, како и многу други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на Танец.
Така, присутната публика ќе може да ужива и во изведбата на „Каравлашко оро“, „Четворка“, „Пиперково оро“, „Кога се мажеше, што ти се чинеше“, „Ајде болно лежи мојто либе“…
Концертот ќе се одвива под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ. Настапува оркестарот, хорот и игроорниот кор на НУ „Танец“, како и оркестарот и хорот на НУ „Национална опера и балет“.
Фолклорно-класична симбиоза е замислен како музичка фузија на две различни традиции – класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на Танец).
„Македонската јавност и македонската музичка култура во целост, ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво“, велат од Националната опера и балет.