Додека навивачите на Барселона очекуваат клубот да донесе уште некое засилување по Дани Олмо, челниците на каталонскиот гигант сакаат да направат чистка кога е во прашање играчкиот кадар и веќе е јасно кои играчи наскоро ќе го напуштат клубот.
Барса минатата недела успеа да го официјализира трансферот на Олмо, кој беше купен од РБ Лајпциг за 55 мил. евра.
Сепак, навивачите се надеваат дека каталонскиот тим ќе донесе уште некое засилување, но за да го направи тоа потребно е да продаде неколку играчи и на тој начин ќе се напрваи простор во буџетот и ќе нема проблеми со финансискиот фер-плеј.
Јулијан Араухо е првиот што Барса реши да го продаде бидејќи 22-годишниот играч е пред потпис за Бурнмаут, а Каталонците од овој трансфер ќе инкасираат 10 мил. евра.
Сепак, покрај Араухо има уште неколку играчи кои се отпишани. Првиот е Серхи Роберто, кому Барселона не му понуди продолжување на договорот.
„Мундо Депортиво“ објави дека Ханси Флик отпишал уште двајца првотимци и официјално ги известил. Станува збор за Ансу Фати и Витор Роке, кои не го импресионираа Флик на подготовките за новата сезона, а германскиот стручњак реши да биде искрен со нив и да признае дека нема да му требаат во новата сезона.
Се очекува ова да не бидат единствените заминувања од тимот бидејќи Барселона сака да продаде некој „капиталец“ за да може да доведе нови засилувања, а најмногу се шпекулира дека тоа би можел да биде Френки де Јонг, Рафиња или Илкај Гундоган.