Фирмите вклучени во подготовка на законите, бараат сузбивање на сивата економија и корупцијата

20

Иако во Македонија во последно време бизнис регулативата има претрпено многу измени чија цел била да се намалат пречките на компаниите, сепак според истражувањето нивото на задоволство на компаниите по однос на бизнис регулативата сеуште остава простор за значително подобрување

Се подобрува вклученоста на компаниите во подготовка на законите, но се уште нивото на задоволство од бизнис регулативата во Македонија е ниско. Во таа насока потребно е намалување на сивата економија и корупцијата, воспоставување еднакви правила на игра, ефикасен судски систем и спроведување на договорите, стабилизирање на макроекономското опкружување, транспарентен и предвидлив даночен систем и ефикасна даночна администрација…Ова се дел од заклучоците на истражувањето за оценка на бизнис климата во Македонија спроведено минатата година преку проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.

– Едно од главните цели која ја поттикна соработката меѓу коморите во Македонија е да им се овозможи на микро, малите и средни компании да ја подобрат нивната усогласеност со законите. Во проектот се обидуваме да предложиме бизнис регулатива која е на линија со барањата на бизнис заедницата, а истовремено е јасна и спроведлива. Сведоци сме дека честата промена на регулативата најмногу ги погодува микро и малите препријатија кои немаат внатрешни капацитети да ја усогласат нивната работа со брзото менување на законите. Ова предизвикува попреченост во работење на компаниите и на тој начин не само што создава трошоци, туку потешкотии во нивното работење, изјави извршниот директор на Стопанска комора на Северо-западна Македонија, Дритон Исеини.

Тој смета дека е важно да се земаат во предвид препораките од компаниите кои најдобро знаат кој области од регулативата создаваат пречки во нивното работење. За таа цел е формирана и платформата на јавноприватен дијалог каде преку институионална соработка меѓу приватниот и јавниот сектор треба да се креираат владините политики кои ќе бидат поволни за бизнисот.

Иако во Македонија во последно време бизнис регулативата има претрпено многу измени чија цел била да се намалат пречките на компаниите, сепак според истражувањето нивото на задоволство на компаниите по однос на бизнис регулативата сеуште остава простор за значително подобрување. Она што е многу важно е дека ова истражување овозможува да се следат трендовите и укажувањата на компаниите и тие да бидат репер на одлуките кои се носат од креаторите на полтиките. Генерално резултатите покажуваат подобрување, споредбено со анализата направена во 2016 година.

Сепак заклучоците се дека треба да се направат поголеми напори да е подобри бизнис регулативата по предлозите на приватниот сектор. Оваа година очекувањата се уште поголеми поради пристапните преговори за членство во НАТО и ЕУ, што ќе ги натера претприемачите да ги забрзаат нивните инвестициски планови кои ќе придонесат за побрз економски раст.

Според Гречен Биркл, вршител на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Македонија за да има подобри резултати треба да продолжи соработката меѓу приватниот и јавниот сектор.

– Од една страна микро, малите и средните претпријатија треба да соработуваат за да се намали тој регулаторен притисок, а од друга страна потребна е соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор за да се создаде атмосфера за раст на бизнисите, истакна Биркл и додаде дека препораките од бизнис коморите придонеле за намалување на казните, подобрување на бизнис климата, отварање на нови работни места…

Љубомир Димовски, директор на Проектот на УСАИД партнерство за подобра бизнис регулатива  вели дека во однос на информираноста на компаниите со актуелната законска регулатива трендот се уште е негативен, но оти има позитивни придвижувања.

– Над 50 отсто од компаниите сметаат дека информираноста треба да се подобри. Ова е бројка која покажува дека сме на прав пат, но патот е се уште долг, вели Димовски. Тој додава дека вклученоста на компаниите во носењето на бизнис регулативата е зголемено од 28 отсто во 2016 на 43 отсто во 2018 година.

Со истражувањето се опфатени 518 компании од четирите комори во Македонија, наспроти 177 што биле анкетирани во 2016 година, што, според носителоте на проектот, е показател дека се зголемува довербата на бизнисот оти нивниот глас ќе биде слушнат.  Од 518 анекетирани компании од областите текстил, земјоделство, ИКТ, туризам, градежништво…, 85 проценти се домашни, осум проценти во мешовита сопственост, а седум отсто со странски капитал. Според големината 33 проценти се микро компании, 42 процента мали, 20 проценти средни, а шест проценти големи компании. (А.С.)