Сана Марин со 34 години ќе стане најмлад премиер на светот, предводејќи коалициска влада на Финска, во која ќе доминираат жени.

Досегашната министерка за транспорт беше избор на нејзината Социјалдемократска партија, откако премиерот Анти Рине поднесе оставка. Таа треба да ја преземе функцијата оваа недела. Марин ќе биде на чело на коалиција на пет партии, сите предводени од жени.

„Имаме многу работа, мораме да ја вратиме довербата“ им изјави Марин на новинарите.

„Никогаш не сум размислувала за мојата возраст и пол. Мене ми се поважни целите заради кои влегов во политиката и работите поради кои добивме доверба од гласачите“, изјави Марин. Таа ќе биде трета жена на премиерската функција во историјата на Финска.

Три од четирите коалициони партнерки исто така немаат 35 години. Партијата на Сојузот на левицата ја води 32-годишната Ли Андерсон, Зелената лига ја води 34-годишната Марија Охисало, Партијата на центарот 32-годишната Катри Кулмуни, а шведската народна партија на Финска 55-годишната Ана Маја Хенриксон.

Кога ќе ја преземе функцијата Марин ќе биде најмлада премиерка на светот, но и една од најмладите личности на чело на држави во светот.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн има 39 години, а на должност стапи кога имала 37. Премиерот на Украина, Арсениј Јаценјук ја презеде функцијата во август кога имал 35 години.

Престолонаследникот на Саудиска Арабија Мухамед бин Салман има 34 години. Лидерот на Северна Кореја има 35 година, а имал помалку од 30 кога стана врховен лидер во 2011 година.

Марин ќе стане трета премиерка во некоја нордиска земја.