Финска ги затвора границите за Русите

318

Финска ќе ги затвори границите за руските туристи откако Русите поттикнати од мобилизацијата за војната во Украина која ја најави Владимир Путин, почнаа масовно да бегаат во оваа нордиска земја.

Финските министри вчера најавија дека Владата ќе забрани влез за руските туристи во земјата и во наредните неколку дена.

„Наша цел и желба е значително да го намалиме бројот на луѓе кои во Финска влегуваат од Русија“ – рече финскиот претседател Саули Нинисто во интервју за државната телевизија.

Одлуката за забрана за влез на руските туристи доаѓа во моментите кога финските копнени граници ги зафати бран од Руси кои бегаат во страв дека ќе бидат мобилизирани за војна во Украина.

Весникот Гардијан потсетува дека Финска во изминатите неколку недели била под голем притисок од своите соседи од ЕУ откако одби да забрани влез за руските туристи, како што тоа претходно го сторија Естонија, Литва, Латвија и Полска.