ФИНИШИРААТ АКТИВНОСТИТЕ ВО НОВОГОДИШНАТА НАСЕЛБА “ВИНТЕРЛЕНД”: Утре вечер ќе светне новогодишната елка на плоштадот “Македонија” 

61

Привршува поставувањето на куќичките и другите пропратни содржини за новогодишната населба „Винтерленд“ во чија средина ќе биде поставена голема новогодишна елка која ќе светне утре вечер во 19 часот. Официјалната празнична програма во центарот на градот ќе почне на 15 декември.


На плоштадот “Македонија” во тек е поставувањето на куќичките и другите пропратни содржини за новогодишната населба „Винтерленд“ (Зимска земја), која, според замислата на организаторот – Град Скопје, ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.

Новогодишна населба е со украсени куќички во зимски амбиент и катчиња за игра и смеа. Во населбата ќе има и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

На средината на “Винтерленд” ќе се постави голема новогодишна елка која ќе се осветли утре вечер во 19 часот, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички. На осветлувањето на новогодишната елка ќе присуствува и градоначалникот Шилегов кој ќе го означи почетокот на новогодишното празнување.

Како што соопшти Град Скопје, осветлувањето на елката ќе биде придружено со настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје, и тоа од „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Васил Антевски Дрен“, „Владо Тасевски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Панче Караѓозов“, кој околу половина час ќе изведува божиќни песни. Средношколците на плоштадот „Македонија“ ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, се до плоштадот „Македонија“.

Официјалната празнична програма во центарот на градот ќе почне на 15 декември.

Фото: Д.Митрески