Филхармонија: Со „Моќта на Заратустра“ стартува новата сезона

91

Со еден од најдобрите пијанисти денес, врвниот Александар Мелников од Русија, и славниот маестро Антони Вит од Полска на 26 септември во 20 часот почнува новата концертна сезона на македонската Филхармонија, чиј слоган годинава гласи „Моја бесмртна љубов“.

Концертот на отворањето е насловен „Моќта на Заратустра“, а ќе бидат изведени двете грандиозни дела: Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Лудвиг ван Бетовен и „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус.

Од 9 септември, пак, Филхармонија ќе ги пушти во продажба влезниците за свеченото отворање на Концертната сезона 2019/2020. И годинава институцијата нуди промотивна сезонска блок влезница, во која влегуваат сите концерти од програмата во периодот септември 2019 – јуни 2020, вклучувајќи и неколку ексклузивни концерти. Ако влезниците се купуваат индивидуално, цената за сите концерти изнесува 13.000 денари, а ако се резервира годишна блок влезница до 15 септември, има попуст од 30 насто и цената е 9.000 денари. Цената на билетите во редовна продажба, пак, по 15 септември, е 10.000 денари.