Филхармонијата доби употребна дозвола

25

Објектот на Македонската филхармонија денеска го доби решението за употребна дозвола и е подготвен вечер да ја почне зимската концертна сезона, соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски при денешната обиколка на новата концертна сала.

Истакна дека во изминатите пет месеци покажале дека не само што можат да работат согласно даден краен рок, туку, како што рече, и да ги доведат сите недовршени работи во соодветна законска рамка.

– Им честитам на вработените во Филхармонијата, во Министерството за култура и во останатите надлежни министерства и органи што дадоа се од себе оваа голема акција да се заврши. Нашата идеја е да работиме во интерес на граѓаните и согласно со законот и процедурите. Не само што не ги напуштаме проектите на претходниците, туку ги надминуваме сите нивни слабости. Им честитам и на граѓаните што добија еден полно оперативен објект, рече Алаѓозовски.

Долговите кон австриската фирма Страбаг и, како што рече, целата заплеткана ситуација на меѓусебни доверителски односи меѓу Министерството и таа градежна компанија, ќе ги решаваат според буџетските можности и онака како што ќе успеат да ги допрецизираат сите поединечни и специфични односи меѓу Министерството, Страбаг и сите кои учествувале во изведувањето на објектот.

Приближно, рече, за враќање на Страбаг остануваат околу 15 милиони евра, но износот не е прецизиран зашто разгледуваат, како што рече, кусоци и вишоци и непредвидени работи.

– Сепак, колку и да се тие средства, ќе бидат за извесен процент помалку од претходно предвидената сума, додаде Алаѓозовски.