Покрај Главната програма, која ќе се реализира од 1 до 9 јуни, публиката ќе има можност претходно, од 19 до 27 мај, во Кинотеката на С Македонија, да ги проследи и филмовите од традиционалната Ретроспектива, годинава на филмскиот корифеј Луис Буњуел. Официјално, Филозофскиот филмскиот фестивал ќе биде отворен на 1 јуни (20:30 ч), со музички перформанс на Бранко Фолтин во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, како дел од придружната програма

Филозофскиот филмски фестивал го најави своето 12. издание чијашто програма ќе содржи проекции на над 40 филмови, 50 настани и 20 домашни и странски гости. Покрај Главната програма која ќе се реализира од 1 до 9 јуни, публиката ќе има можност претходно, од 19 до 27 мај, во Кинотеката на С Македонија, да ги проследи и филмовите од традиционалната Ретроспектива, годинава на филмскиот корифеј Луис Буњуел. Официјално, Филозофскиот филмскиот фестивал ќе биде отворен на 1 јуни (20:30 ч), со музички перформанс на Бранко Фолтин во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, како дел од придружната програма.

„Годинешното издание, кое е во знакот на надреализмот, ќе го разбуди сонот (и сонувањето, во најубавата смисла) низ филмот и философијата и ќе ја побуди имагинацијата да се нурне низ нови себеоткривања и толкувања на соновното, но и (не)реалното“, велат организаторите.

Програмата е поделена на шест сегменти: Ретроспектива Буњуел, Ревијална програма: филм-философија, Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови (обете со компетитивен карактер), Едукативна програма (составена од Средношколската видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија за деца) и Придружна програма.

Во рамките на ретроспективата на Буњуел ќе се прикажат девет филмови од кои три краткометражни и среднометражни филмови предвидени за првата вечер и уште шест негови долгометражни филмски остварувања. На 19 мај, со почеток во 21 часот и со излагање на заменикот амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје, м-р Ернесто Хередеро дел Кампо, ќе  биде отворена првата ретроспективна вечер со проекција на филмовите “Андалузиски пес“ (1929), “Земја без леб“ (1932) и “Симон пустиникот“ (1965). Свои проекции ќе имаат и филмовите: „Виридијана“ (1961), “Ангелот истребувач“ (1962), “Дневникот на една собарка“ (1964), “Убавицата на денот“ (1967), “Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972) и “Тој мрачен предмет на желбата“ (1977), проследени со излагања од професионалци од областа на филмот и философијата. Истиот случај е и со филмовите кои следуваат. По официјалното отворање на 12. ФФФ, публиката на 1. јуни ќе има можност да го погледне филмот „Додека трае војната“ (2019) на шпанскиот режисер Алехандро Аменабар. Исто така, ќе има можност да ги погледне и корејскиот филм „Безгласен“ (2020), „Франкештајн“ (1931). Следува и филмот „Млинот и крст“ (2011), „Хирошима, љубов моја (1959), „Нешто корисно“ (2017) на турската режисерка Пелин Есмер…

Во рамките на Официјалната селекција на долгометражни филмови и во трка за еден од фестивалските „Златни бувови“ за најдобар според жирито и според публиката, ќе се натпреваруваат пет филмови: „Заклетвата на Хасан“ (2021) во режија на турскиот режисер Семих Капланоглу, филм кој беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на Кан 2021 и кој претставува топла, морална прикaзна од турската конематографија којшто ги третира и прашањата за човековата деструкција на неговата непосредна животна средина; “Клара Сола“ (2021) во режија на Натали Алварез Месен, интимна приказна за духовното будење на помалку необичната Клара, филм кој беше дел од „Кензен“ програмата на Кан 2021; “Коста Брава, Либан“ (2021) во режија на Мунија Акл со Надин Лабаки во една од главните улоги, и приказна за едно семејство, кое се обидува да креира утописка заедница надвор од урбаната џунгла. Тука е и „По љубовта“ (2020) во режија на Алем Кан, филм кој нè води на трогателно патување низ загубата, тагата и потрагата по идентитетот, прикажан на Канскиот филмски фестивал 2020; и данскиот филм “Претпоследниот“ (2020) во режија на Јонас Керуп Хјорт, филм кој премиерно беше прикажан на Меѓународниот фестивал „Црни ноќи“ во Талин, а сместен во дистописка и клаустрофобична атмосфера со елементи на драма на апсурдот на линијата меѓу делата на Кафка и Керол.

Во Официјалната селекција на краткометражни филмови годинава има 16 филмски остварувања од повеќе држави: Велика Британија, Германија, Данска, Иран, Либан, Литванија, Македонија, Полска, Португалија, Србија, Унгарија, Франција и Чешка. Фестивалската публика ќе има прилика да го погледне и “Северен пол“ (2021) во режија на македонската режисерка Марија Апчевска, прикажан во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал.

Жирито за долгометражните филмови е во состав: Сердар Озтурк, Кица Колбе) и Тони Гламчевски). Жирито за краткометражни филмови е во состав на: Васко Маглешов, Тамара Тасевска, и Ѓорѓи Јаневски. Селектори се професорот од МСУ „Г. Р. Державин“, м-р Кирил Трајчев за долгометражната селекција и д-р Дејан Здравков, д-р по философски науки со поле на интерес од областа на естетиката и антропологијата, како селектор за селекцијата на краткометражните филмови.

На 9 јуни, пред последната фестивалска проекција, ќе бидат доделени наградите за најдобрите филмови од двете селекции.

Филозофскиот филмски фестивал годинава се реализира во ко-организација со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во соработка со Кинотеката на С Македонија.