Филмскиот фестивал “Браќа Манаки” годинава соодветно ќе се одбележи, но без гости

53

Овогодинешното 41. издание на филмскиот фестивал “Браќа Манаки” нема да може да има традиционално издание со гости и со програма како изминатите 40 негови изданија, со оглед на фактот дека големи филмски фестивали од “А” категорија како Кан, Карлови Вари, Локарно и други беа откажани, како и со оглед на објективните состојби и последици предизвикани од пандемијата. Она за што се согласни филмските работници е дека формата на одбележување на овогодинешното издание на фестивалот “Браќа Манаки”, треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напор истата да се зачува.

“Останува староновиот директор на фестивалот заедно со ДФРМ да изнајдат начин за достоинствено одбележување на 41.то издание на “Браќа Манаки”, кој е наш најголем и најзначаен филмски фестивал, како и можноста за инволвираност на неговиот домаќин во “новото нормално”, градот Битола“, велат од Фестивалот “Браќа Манаки“.

На  последното собрание на ДФРМ, беше ре-избрана Гена Теодосиевска за директор на ИФФК “Браќа Манаки”, а мандатот според Статутот на ДФРМ важи за следните две изданија на фестивалот.