Со проекција на филмот „Тага“ од Тина Величковиќ и со изведба на претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ режирана од Борис Василески, на 1 ноември (20 ч.) стартуваат 31. меѓународни средби на студенти „Скомрахи“, во организација на Факултетот за драмски уметности во Скопје.  И филмот и претставата се целосно изработени од студентите на ФДУ, а публиката ќе може да ги види на сцената на Драмски театар во Скопје, по што вечерта ќе продолжи со музичка програма.

Инаку, оваа година, од 1 до 5 ноември, на сцените на Факултетот ќе бидат прикажани вкупно осум театарски претстави и 25 филма на студентите од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран и од Германија.

„Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот СкомрахОФФ, музичка програма и забави во бифето на ФДУ. Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите скомраси. Како и во минатото така и денес, тие продолжуваат да размислуваат и да создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А, на годинашното издание, акцентот го ставаат и на своите ‘улоги’ во уметноста во новото време, што се одликува со сè поголема ‘улога’ на вештачката интелигенција“, велат од Факултетот за драмски уметности.

Веќе наредниот ден, на 2 ноември, во 12:30 часот ќе биде отворена изложбата „Потрага по сцена“ на студентите од Факултетот за технички науки, Оддел за уметност и дизајн од Нови Сад, Србија. Програмата продолжува во 19 часот со студентската театарска претстава „Плеј Чехов“ на Академијата за драмски уметности од Загреб, Хрватска. Во 20:45 почнуваат студентските филмови на студентите од академиите од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Белгија и од Косово.

Веќе во 22:45 е студентската театарска претстава „Џипси боксер“ на Универзитетот Малтепе/ Факултет за уметност – Истанбул, Турција. Вечерта завршува со музичка програма, која почнува во 11:15 часот.

Целата останата програма што ќе се одржува до крајот на средбите, е објавена на социјалните мрежи и веб-страницата на ФДУ, а влезот за сите настани е бесплатен.

Средбите се поддржани од ФДУ/УКИМ и од македонското Министерство за култура.