Годинава, 2023-та, ќе се одбележат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод, филмот „1963: Добра ноќ Скопје“ на Илија Павлов ќе може да се гледа на социјалната мрежа „Јутјуб“.

Филмот за разорниот скопски земјотрес, кој прикажува документарни снимки, е направен со скенирање на 8мм, 16мм и 35мм филмски ленти, а дел од материјалите се досега невидени. Специфично за овој филм е редоследот на кој се прикажани материјалите, со силна употреба на филмскиот јазик. Трае 26 минути како симболика за кобниот 26-ти јули.

Скопскиот земјотрес бил со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, траел 17 секунди, и бил регистриран на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути. Се почувствувал на површина од преку 50.000 километри квадратни, а се смета дека неговиот епицентар бил кај населбата Злокуќани. Во него загинале повеќе од 1.000 луѓе, а над 3.000 биле повредени. Поради неговата јачина во Скопје до темел биле урнати 15.800 станови, двојно повеќе биле оштетени, а повеќе од 200.000 луѓе останале без покрив над глава.

Заради земјотресот исчезнаа и симболите на Скопје – Стариот театар, Домот на армијата, зградата на Народна банка, хотелот „Македонија“, урнат е и поголемиот дел од железничката станица подигната во 1938 година. По катастрофата, Скопје стана град на солидарноста.

Инаку, „1963: Добра ноќ Скопје“ (1963: Good night Skopje) е петти среднометражен филм на Илија Павлов. Тој е комплетен автор на сите свои филмови (продуцент, сценарист, режисер, директор на фотографија и монтажер), вклучувајќи го и долгометражниот игран филм „Гласот на тишината“ (Rebirth: Voice Of Silence) кој минатата година имаше европска премиера на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ и светска премиера на ИФФК „Браќа Манаки“. Во моментов, Павлов го подготвува својот втор долгометражен игран филм „Емил, врати се“.