„Фил(м)ософија со деца“ од 20 до 27 мај во рамки на Филозофски филмски фестивал

19

Во рамки на едукативната програма на 12. Филозофски филмски фестивал, почнувајќи од денеска до 27 мај ќе се реализира сегментот „Фил(м)ософија со деца“ во чии рамки се одржуваат проекции, предавања и работилници со наставници и деца.

Како што е најавено, оваа година на Фестивалот ќе учествува проф. д-р Томас E. Вартенберг од САД, истражувач во областа на филм-философијата.

Пред средбата со Вартенберг, од 20 до 27 мај, на VoD платформата „Cinesquare“ младата публика од целата земја ќе има можност бесплатно да го погледне „Детето фантом“, анимиран филм за деца на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол, а на крајот од неделата ќе следуваат две работилници со Мартин Поповски, доктор на науки од областа на филозофијата на науката.

Како што соопштија организаторите, инспирирани од француско-белгиската копродукција „Детето фантом“, Мартин Поповски ќе одржи две фил(м)ософски работилници за деца на возраст од 10-12 години: физичка проекција на 25 мај во Кинотека на С. Македонија, за ученици од неколку основни училишта во Скопје, проследена од разговор по филмот. Покрај ова, Поповски ќе одржи и онлајн работилница за вклучување и на децата на 10-12 годишна возраст од другите краеви на земјата со цел децентрализирање на активностите од главниот град.

Онлајн работилницата ќе се одржи на 27 мај, а услов за учество на работилницата е претходно гледање на анимираниот филм „Детето фантом“.

Како што се наведува во соопштението, Вартенберг на 26 мај ќе одржи отворено онлајн предавање од областа на философијата со деца, со фокус на неговата методологијата, како и неговата работа на философијата со деца преку филмот.

По отвореното предавање коешто ќе биде достапно за сите заинтересирани, на истиот датум со почеток од 20 часот проф. Вартенберг ќе одржи работилница наменета за наставници и друг образовен кадар, студенти, но и родители заинтересирани за развојот на критичката рефлексија и креативната мисла кај децата уште од најрана возраст, на линија на препораките на УНЕСКО.

Последниот настан со проф. Вартенберг е практичната демонстрација со ученици на 7-8 годишна возраст во Американското училиште НОВА во Скопје наредниот ден за демонстрација на методот на работа на проф. Вартенберг (настан од затворен тип).

На Работилницата којашто ќе се одвива на англиски јазик ќе можат да присуствуваат најмногу 15 учесници коишто можат да се пријават на линкот tinyurl.com/pwc-pff22.