Филмови во чест на Неда Арнериќ, ирански остварувања и македонски хитови… во Кинотека

124

“Податоците велат дека Кинотеката ја имаше довербата на гледачите во 2019 година, кога беше постигната рекордна посетеност! Во рамките на филмската програма беа одржани 584 проекции, прикажани 614 наслови, а вкупната посетеност изнесува 20.486 посетители…

Дваесеттината тематски циклуси посветени на автори и национални кинематографии, фестивали, „пробната работа“ на Летното кино (кое се надеваме дека ќе прерасне во своевиден фестивал), триесеттиот роденден на единственото стручно списание за филм „Кинопис“, објавувањето на Монографија по повод 40-годишнината од Меѓународниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и издавањето на новото ДВД издание со 5 (пет) дигитално реставрирани македонски филмови (Три Ани до Хај-Фај) и наградата „13 Ноември“ за авторот на книгата „Музиката во македонскиот филм (Од Фросина до Лазар), Александар Трајковски… се дел од минатогодишната програма на македонската Кинотека, која за годинава најавува уште поатрактивна програма.

“Годинава ќе се обидеме да ја надминеме таа бројка, со повеќе проекции и поатрактивни наслови, со позабавна и исклучителна филмска програма. Ако јануари беше месец обележан со рекорден број проекции на Медена земја на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска – номиниран за „Оскар“ во две категории – и “Врба“ на Милчо Манчевски, за кои се бараше билет повеќе, во февруари ќе се обидеме да ја анимираме публиката со богата програма“, велат од Кинотеката.

Во слава на актерката Неда Арнериќ, која почина неодамна, во февруари во Кинотеката ќе бидат прикажани „Време без војна“ и „Истрел“ на Бранко Гапо, „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски и „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов.

Во рамките на месечната програма публиката ќе има можност да ги види „Кобра“ на Игор Иванов-Изи, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Збор“ на Слободан Деспотовски, „Илузија“ на Светозар Ристевски, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев и „Пијавици“ на  Драган Маринковиќ.

“Февруари е традиционалниот термин за дводневниот фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“, а веднаш по него следуваат Денови на словенечката култура.

Во рамките на овие денови, а по повод 100 години од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц – кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, „Волча ноќ“ и „Виза на злото“  – ќе бидат прикажани неговите меѓународно наградувани филмови „На својата земја“ и „Долина на мирот“, како и „Вистински копилиња“ на Јоже Бевц и „За душа“ на Матјаж Клопчич“, посочуваат од Кинотеката.

Февруари ќе биде и месец на Фестивал на иранско-македонски филм, со осум играни наслови од поновата продукција, а ќе можат да се видат и четири нови успешни македонски филмови “Медена земја“, “Врба“, “Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Митевска и “Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Следуваат и уште неколку исклучителни филмови од поновата продукција, како “Жал ни е што ве заборавивме“ на секогаш критични настроениот британски автор Кен Лоуч, “Предавникот“ на исклучителниот Марко Белокио, потоа францускиот филм “Двоен живот“ на Оливие Асајас, како и селекција на наградени краткометражни филмови на струмичкиот фестивал „Астерфест“.

Годинава е престапна, па има и некаква ненамерна симболика: 29 февруари е терминот за Сценаристичка лабораторија со Димитар Банов, на која ќе биде прикажан „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс.

Во календарите секоја четврта година е престапна, но ремек-дело како ова на Велс (со косценаристот Херман Манкиевич) се појавува еднаш во половина век. И вреди да се потсетуваме на него, но и на сите други филмови повторно и повторно…