Филмови во ноември: Фреди Меркјури, Нил Армстронг и Ема за филмските сладокусци

102

Љубителите на филмската уметност на големото платно ќе можат да уживаат во музиката на легендарната група Квин, да ги видат авантурите на Нил Армстронг, и да влезат во светот на фантазијата со Оревокршачка и “Фантастични ѕверки“…

Ноември, меѓудругото, е месец на Шкорпиите, машките мустаќи, месец кога започнува да се насетува и зимата, но и време за добрите филмски остварувања кои ќе можат да се видат во градските кина. Љубителите на филмската уметност на големото платно ќе можат да уживаат во музиката на легендарната група Квин, да ги видат авантурите на Нил Армстронг, и да влезат во светот на фантазијата со Оревокршачка и “Фантастични ѕверки“…
Веќе од почетокот на месецот во кината ќе може да се видат „Првиот човек на Месечината“, “Оревокршачка и четирите кралства“, “Боемиска рапсодија“…

По големиот хит „Ла Ла Ленд“ кој освои шест оскари, режисерот-оскаровец Демијан Шазел и холивудската ѕвезда Рајан Гослинг повторно се заедно во „Првиот човек на Месечината“. Тоа е приказна за првата мисија на месечината со човечки екипаж, фокусирана на Нил Армстронг и деценијата што доведе до историскиот лет на Аполо 11. Во филмот играат и Клери Фој, Џејсон Кларк, Кајли Чендлер, Патрик Фугит, и тој ги истражува триумфите и загубите на Армстронг, неговото семејство, неговите колеги и целата нација.

За целото семејство, пак, е наменета американската авантура “Оревокршачка и четирите кралства“ во режија на Ласи Халстром. Во оваа фантазија на “Дизни“ наменета за најмладите, главната протагонистка е Клара која го бара единствениот клуч кој ја отклучува кутијата каде се наоѓа бесценетиот подарок од нејзината мајка. Тој клуч ќе изчезне, но ќе ја однесе Клара во чуден мистериозен паралелен свет во кој таа ќе се сретне со војникот Филип, но и со банда на глувци и владетелите кои владеат со трите кралства: Земјата на Снегулките, Земјата на Цветовите и Земјата на Слатките… Во филмот улогите ги толкуваат Кира Најтли, Мекензи Фој, Метју Мекфајен, Хелен Мирен, Морган Фриман.

“Боемиска рапсодија“ во режија на Брајан Сингер е филм кој се препорачува за сите љубители и на филмот и на музиката, бидејќи е приказна за славниот бенд Квин, нивната музика и пејачот Фреди Меркјури. Филмот го забележува вртоглавиот раст на популарност на бендот преку нивните препознатливи песни и револуционерен звук, нивниот речиси-колапс кога животот на Меркјури излегува од контрола и нивното триумфално обединување на “Лајф Ед“, каде Меркјури, соочувајќи се со неизлечлива болест, го предводи бендот кон најдобрата рок изведба на сите времиња.

Како интересно изненадување, во кината доаѓа и македонскиот филм снимен од тинејџери насловен “Ема“. Ова е прв долгометражен филм на 16 годишниот Мартин Чичовски во кој е претставена секојдневна средношколска приказна видена низ очите на младиот човек. Главниот лике е Ема, млада девојка, која е изгубена по патот на пронаоѓањето на себеси.

На средината на месецот, пак, доаѓа криминалистичкиот трилер “Девојката во пајакова мрежа“ во режија на Фејд Алварез за младата компјутерска хакерка Лизбет Саландер и новинарот Мајкл Бломквист кои се фатени во мрежа на шпиони, сајбер криминалци и корумпирани владини претставници. Во филмот играат Клер Фој, Сверир Гуднасон, Силвија Хукс, Кленс Банг.

 

Следуваат “Burn the Stage: The Movie“ и “Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд“. Документарецот “Burn the Stage: The Movie“ е првиот филм за бојбендот БТС, кој покажува што се случувало позади сцената на нивната светска турнеја – BTS Wings Tour и за да ја открие целата приказна како овој бенд доживува светска слава.

Фантастичната авантура “Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд“ во режија на Дејвид Јејтс, пак, е вториот дел од серијалот “Фантастични ѕверки“ според книгата на Џ. К. Ролинг каде повторно се прикажани авантурите на магизологот Њут Скамандер. Во него играат Еди Редмејд, Катерина Ватерстон, Дан Фоглер, Алисон Судол.