Филипче: Двојно зголемување на паушалите за дежурства на специјалистите и медицинските сестри

77

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на штипската Клиничка болница од каде што најави дека со исплатата на мартовската плата ќе има зголемување на паушалите за дежурства. Тој посочи дека зголемувањето нема да се однесува само на лекарите, туку и на медицинските сестри.

„Значајно е зголемувањето, некаде околу 100 проценти, се уште се изработуваат точните анализи за да процениме кога тоа ќе може да се почне. Но, најверојатно дека зголемувањето на дежурствата ќе почне во априлската исплата, односно за мартовската плата“, рече Филипче.

Прашан дали е информиран дека дел од лекарите ќе поднесат тужби, бидејќи не се исплаќани согласно колективниот договор, Филипче вели дека во наредниот период ќе престои и промена на колективниот договор.

Во текот на денешната работна посета на која беше придружуван од страна на државниот секретар во Министерството за здравство, Влатко Милошев, министерот забележа дека новата болница во Штип ќе биде завршена и опремена во текот на 2018 година, а во 2019 година ќе биде пуштена во употреба. Истакна дека штипската Клиничка болница има квалитетен стручен кадар, кој може да одговори на предизвиците и на воведувањето на нови методи.