Беше вистинско уживање антологиските кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“ да се доживеат во симфонизирана совршена комбинација, а македонските хорски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“ придружувани од хористите на НОБ да прозвучат филигрански беспрекорно. А тие, уметниците дишеа како едно. И солистите и хористите и танчарите…
На сцената на Националната опера и балет, завчеравер заблеска македонското фолклорно богатство со сиот свој сјај. Околу 130 уметници од националните Опера и балет и Танец за прв пат зазвучија заедно и направија неверојатна симбиоза меѓу фолклорот и класиката и без здив ја оставија публиката од преполната сала која не ги штедеше аплаузите. Дополнително сценско богатво за уживање даваа видеобимовите со прекрасни пејзажи од Македонија.
Беше вистинско уживање антологиските кореографии „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Водарки“ да се доживеат во симфонизирана совршена комбинација, а македонските хорски и вокални мелодии од богатиот репертоар на „Танец“ придружувани од хористите на НОБ да прозвучат филигрански беспрекорно. А тие, уметниците дишеа како едно. И солистите и хористите и танчарите.
Концерот се одвиваше под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, а концерт и хор – мајстори беа Ѓурѓица Дашиќ и Верица Ламбевска. Публиката со одушевување ги доживеа новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски кој е истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на „Танец“. Затоа и на крајот ги награди со повеќеминутни аплаузи и овации.
Ова е прв пат во македонската историја симфонизирани антологиски кореографии да бидет изведени во заедничка соработка на оркестарот, хорот и играорниот кор на НУ Танец, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и балет. Организаторите најавија можност ваквата соработка да прерасне во традиција. (Е.А.)