ФИБА го истера своето, но кошарката загуби

79

Експериментот на светската кошаркарска федерација (ФИБА) наречен квалификации за Светско првенство во Кина 2019 година е при самиот крај. Иако остана уште само еден „прозорец“, кој ќе се одржи во февруари и во кој нашата репрезентација нема да се најде, уште од сега сите се согласуваат дека ФИБА погреши и може да се каже дека експериментот е неуспешен.

Има повеќе причини, а една од главните е тоа што евидентно немаа слух – тргнаа во проект како да се најмоќната кошаркарска организација и дека се ќе им се подреди како што посакуваат со промената на календарот, но не испадна така.

Реалноста е сосема поинаква, ФИБА не е ФИФА (светска фудбалска федерација), па затоа овие „прозори“ се покажаа дека квалитетот во квалификациите не е ниту близу до квалитетот во Евролигата, а од страна на најквалитетното кошаркарско натпртеварување во Европа излегоа со став дека нема да направат промена на календарот во корист на оној квалификацискиот.

Кога ќе ви ја затворат вратата НБА и Евролига, двете најсилни кошаркарски натпреварувања во светот, пропаста е загарантирана. Впрочем, ова и се претпоставуваше, само луѓето од ФИБА немаа слух или едноставно не сакаа да имаат.

Освен Македонија, која настапуваше во составот кој беше и до сега, но и покрај тоа испадна уште во претквалификациите, проблеми со повикот на подобрите репрезентативци имаше Словенија, која е веќе елиминирана, а на ивица на амбусот е и репрезентацијата на Хрватска. Има и такви кои даваат се од себе да ја пласираат својата репрезентација на Мундобаскетот, но кога ќе обезбедат место меѓу најдобрите, нивното име ќе биде шкртнато. Имено, станува збор за кошаркари од калибарот на Себас Саис, Дарио Брисуела, Начо Љовет кои речиси сигурно нема да бидат дел од шпанската репрезентација кога ќе биде најпотребно, бидејќи во тие моменти „фуријата“ ќе биде потпомогната од далеку поквалитетните, кои во квалификациите не настапуваа поради клупските обврски. И не се само Шпанците, туку сите репрезентации се соочија со проблеми од ваков тип. Тука се и Србија, Франција, Литванија, Грција… ФИБА знаеше дека е послаба од НБА и Евролигата, но и покрај тоа тргна во овој проект да заработи пари.

Пропагандата на ФИБА беше јасна – да ги врати репрезентативците дома за навивачите да имаат шанси да ги гледаат своите играчи почесто, а не само на пријателски натпревари кои се играа еднаш годишно. И тоа се ќе беше супер, но доколку се вратеа и оние најдобрите во своите земји.

Има многу нелогичности кај луѓето од ФИБА кои евидентно знаеја дека ќе се сретнат со еден ваков проблем. Сега, година дена по почетокот на првиот „прозор“ ситуацијата е кристално јасна.

Фиба го доби тоа што го сакаше – профитот, но кошарката загуби, пред се онаа во Европа. Светското првенство нема да го видат кошаркарите на европскиот шампион од причина поради која не можеа да бидат комплетни поради клупските обврски на повеќемината.

Со селекцијата на Хрватска е малку поинаква ситуацијата, тие и со НБА кошаркари беа поразени на домашен терен од Литванија и на гости од Полска. За „коцкестите“ играа Бојан Богдановиќ, Дарио Шариќ, Анте Жижиќ и останатите, но повторно не успеаја да слават во овие два натпревари. Доколу победеа во еден од двата споменати меча, сега би биле во многу подобра позиција, но вака, останаа само десет проценти од сто да се пласираат на СП во Кина.

И кога ќе го премотате филмот зошто некои репрезентации се елиминирани, заклучокот е едноставен и повторен по кој знае кој пат – не играа најдобрите во Б и Ц репрезентациите, па им беше дозволено на помалите селекции да направат големи изненадувања со кои ја искомплицираа ситуацијата. Свое видување околу ваквата ситуација имаше и претседателот на турската кошаркарска федерација, Хидајет Туркоглу.

  • Се надеваме дека во иднина нема да продолжиме со „прозори“. Се надевам дека ФИБА и Евролига ќе пронајдат решение. Разбирам дека ова им одговара на некои други држави ваквиот систем на квалификации, бидејќи тие не играат во клубови од Шпанија, Франција, Србија, Турција, Литванија. Нашите најдобри играчи играат во Евролига и НБА, па затоа не ни се на располагање при квалификациите. ФИБА и Евролига треба да работат во корист на европската кошарка, па затоа се надевам дека наскоро ќе најдат решение, изјави Туркоглу.