„Фејсбук“ направи корекција на статус на корисник на барање на сингапурската влада

133

Фејсбук денеска соопшти дека објавил известување за корекција на статус на корисник на социјалната мрежа на барање на владата во Сингапур.

Од Фејсбук повикаа на одмерен пристап кон спроведување на новиот закон против лажни вести и за заштита на слободата на говорот.

„Фејсбук е под законска обврска да ве извести дека Владата на Сингапур тврди дека оваа објава содржи лажни информации“, се вели во известувањето.

Известувањето за корекцијата било ставено на дното на оригиналниот пост без никакви промени во текстот, но не може да се види од други корисници во и надвор од земјата.

Владата на Сингапур во петокот соопшти дека му наложила на „Фејсбук“ да објави корекција на статус од  23 ноември во кој се обвинува владата за апсења на свиркачи и изборни кражби, според новиот закон за „лажни вести“.

Владата на Сингапур тврди дека обвинувањата се „лажни“ и „навредливи“ и првично му нареди на корисникот Алекс Тан, кој го води блогот „State Times Review“, да објави корекција. Тан, кој не живее во Сингапур и тврди дека е австралиски државјанин, одби да го стори тоа, а властите велат дека сега за него се води истрага.

Актот за лажни вести стапи во сила во Сингапур минатиот месец, по две години подготовка.

„Бидејќи законот штотуку стапи на сила, се надеваме дека гаранциите на владата на Сингапур нема да влијаат на слободата на изразување, ќе доведат до одмерен и транспарентен пристап кон неговото спроведување“, се вели во Фејсбук.

Фејсбук претходно соопшти дека е „загрижен за аспектите на овој закон што и даваат широки овластувања на извршната власт на Сингапур да ги принуди да отстрануваат содржини што таа ги смета за лажни и да им ги пренесуваме известувањата од владата на корисниците“.