Фејсбук и Австралија најдоа компромис

10

Австралиската влада денеска објави дека Фејсбук прифатил да ја укине забраната за споделување на вести на неговата платформа во оваа земја по постигнатиот договор за законот според кој дигиталниот гигант ќе плаќа за информативните содржини.

Министерот за финансии Џош Фрајденберг, и Фејсбук потврдија во одделни соопштенија дека постигнале договор за измена на предложениот закон според кој Фејсбук и Гугл ќе плаќаат за вестите кои се објавуваат на нивните мрежи.

Минатата недела Фејсбук го блокираше пристапот на австралиските корисници и споделувањето на вести кога Претставничкиот дом во Австралија го усвои нацрт законот за плаќање на овие содржини.

Горниот дом на австралискиот Сенат треба да го разгледа законот денеска. „Фејсбук ја информираше владата дека има намера да ги врати австралиските страници со вести во наредните денови“, изјавија австралиските министри за финансии и за комуникација во соопштението.

Австралиското министерство за здравство, пак, вчера соопшти дека веќе нема да објавува реклами преку Фејсбук како одговор на мерките на оваа социјална мрежа која ги блокираше вестите поради протест на владиниот предлог закон. Ова е објавено во момент кога Австралија ја започнува кампањата за вакцинирање против ковид-19, во чие промовирање владата вложи околу 16,5 милиони евра за да се спротистави на теориите на заговор и на антиваксерите.