Свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе биде со „Роња, ќерката на ограбувачот“, куклена претстава која има освоено бројни награди и која е надвор од конкуренција. Во наредните денови, публиката ќе може да ужива и во изведбата на „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, во „Ова сум јас“ на театарот „Поко локо“ од Загреб, во „Шума од песни“ на „Кускус“ – институт арт-продукција од Љубљана, Словенија…
Театарот за деца и младинци во Скопје, од 27 до 30 септември, ќе го реализира второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, под мотото „Ослободи ја својата фантазија“. Свеченото отворање ќе биде утревечер (27 септември, 19 часот) со „Роња, ќерката на ограбувачот“, куклена претстава која има освоено бројни награди и која е надвор од конкуренција. Во наредните денови, публиката ќе може да ужива и во изведбата на „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, во „Ова сум јас“, танцова претстава на театарот „Поко локо“ од Загреб, во „Шума од песни“ на „Кускус“ – институт арт- продукција од Љубљана, Словенија, во „Бременските музиканти“ на театарот „Бабец“ од Битола… Во рамките на програмата на фестивалот ќе може да се видат и „Момчето со куферот“ на Малиот театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија (за младинци), „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци – Скопје, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац, Србија и претставата „ERROR 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
Како што наведуваат организаторите, годинашната програма ќе им биде посветена на малите театарски форми.
– Минатата година, за прв пат се соочивме со овој адреналински предизвик, кој за нашата институција значи запишување на мапата на светот на професионалните фестивали на детски театри. Среќни сме што второто издание е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. И јавно упатувам голема благодарност за покровителството и за препознавањето на важноста на нашиот фестивал и воопшто за детските театри – истакна Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.
Фестивалот и оваа година, покрај гран-при, доделува и награда за најдобра режија, две актерски награди, за сценографија, за костимографија и специјална награда. Стручното жири го сочинуваат Тин Грабнар, режисер од Словенија кој ќе биде претседател, и членовите – актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на фестивалот и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог од Сомбор, Војводина, инаку долгогодишен селектор на Стеријиниот театар, кој долги години бил и директор на Новосадскиот театар.
– Новитет оваа година е што воведуваме и детско жири, кое ќе има задача да ја оцени и да ја награди претставата на фестивалот по свој избор, односно претстава која најмногу му се допаднала. Се работи за околу седум дечиња од девет до 12 години. Од годинава, фестивалот „Игор Маџиров“ почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности, каде што ќе се одржи работилница за куклен театар, наменета за студентите и за веќе дипломираните актери и режисери, а ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар на Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на фестивалот ќе има уште една детска работилница наменета за децата и за наставниците, на тема „Куклен театар“, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора. Од 2023, и официјално нашиот театар стана член на Асоцијацијата на детски театри „Аситеж“, така што и тие ќе бидат присутни – додаде Илиевска-Силјановска.
Драган Довлев, претседател на Советот на фестивалот, пак, посочи дека имале одлични резултати минатата година.
– Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот – Игор Маџиров, кој беше големо дете и прекрасен човек, симбол на детскиот театар воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, и ќе се бориме до крај тој да не замре. Лани, и гостите беа задоволни, но најважно од сè е што и децата беа задоволни, бидејќи видоа нешто ново и поразлично. За нас, професионалците, пак, значи многу за да видиме до каде сме во светот на детскиот театар во регионот и пошироко – изјави Довлев меѓу другото.
Дел од Советот на фестивалот е и Миодраг Костиќ, извршен продуцент. Фестивалот годинава е поддржан од Министерството за култура. Претставите ќе се изведуваат на сцените на Театарот за деца и младинци, Театар Комедија, Македонскиот народен театар, Албанскиот театар за деца и млади. Цената на билетите е 200 денари. (Д.Т.)