Претседателот на Ферари, Џон Елкан, изјави дека неговиот тим нема да биде доволно конкурентен пред 2022 година. Тој исто така истакна дека има „целосна доверба“ во првиот човек на тимот, Матија Биното.

Ферари ја започна новата сезона лошо, а во претходните неколку години не може да одговори на доминантниот Мерцедес.

  • Ги поставуваме темелите за да станеме конкурентни и да се вратиме на победите кога ќе се променат правилата во 2022 година. Јас сум убеден во тоа. Биното има карактеристики и способности да започне нов победнички циклус, истакна Елкан за „Газета дело Спорт“.

Елкан истакна дека Биното бил дел од доминацијата на Ферари во почетокот на 2000-та со Михаел Шумахер.

  • Пред нас е долг пат. Кога Жан Тод го започна историскиот циклус (од пет последователни шампионски титули) во текот на 2000-та, дојдовме таму откако имавме пост од 20 години, од 1979 година. Беше потребно време бидејќи дојде во 1993 година и го врати Ферари на победничката патека. Тогаш беше важно да работиме и надвор од патеката, да бидеме стабилни и да го направиме Ферари онака што сакаме – чекор по чекор, вели Еклан.

Ферари ја започна 2020 година со болид кој е повеќе од секунда побавен од сè уште доминантниот Мерцедес, кој триумфираше на сите три трки досега. Тие се само петти во генералниот пласман кај конструкторите, а најдобриот резултат го постигна Шалр Леклер со оствареното второ место на првата трка во Австрија.

Леклер и неговиот колега Себастијан Фетел се судрија на почетокот на втората трка, додека на третата, во Унгарија, Фетел беше шести, а Леклер само 11-ти.

  • Оваа година не сме конкурентни поради грешки во дизајнот на болидот. Имаме низа грешки во структурата на болидот веќе долго време, како и во аеродинамиката и динамиката на возилото. Исто така изгубивме и на моќнта на моторот. Реалноста е дека нашиот болид не е конкурентен. Го видовте на патеката, и ќе видите повторно, истакна искрено италијанскиот бизнисмен.

Правилата, кои вклучуваат измени на болидот, треба да стапат во сила во 2021 година, а Ферари ја поддржа одлуката на Ф1 да го одложи нивното воведување за една година поради пандемијата на коронавирус.