Очите на спортската јавност овие денови ќе бидат насочени кон Ф4 турнирот во кошаркарската Евролига, кој ќе се одигра во Виторија, Шпанија.

И покрај тоа што турскиот гигант Фенербахче ќе биде „осакатен“ на завршниот турнир, поради неиграњето на Луиџи Датоме и Џофри Ловерњ, а неизвесни се уште и Јан Весели и Никола Калиниќ, сепак нивниот плејмејкер Костас Слукас смета дека повредите на неговите соиграчи не треба да бидат изговор кога во прашање се амбициите на „сино – жолтите“.

  • Не сакаме изговори, тој менталитет ни го пренесе тренерот Жељко Обрадовиќ. Повредите се составен дел од кошарката, мораме да продолжиме понатаму и среќни сме што сме дел од Ф4 турнирот. Очекувањата се големи, имаме добар тим, опасен и талентиран. Жељко секогаш може да го пронајде патот до победата. Тоа е најважно, а потребна ние е само мала среќа. Сакам да соработувам со него, иако понекогаш е агресивен. Сепак, секогаш е искрен и праведен. Задоволен сум што имам таков стручњак крај себе, изјави Слукас за „Еурохупс“.

Фенербахче  во 1/2 финалето ќе ги одмери силите против вториот турски претставник, екипата на Анадолу Ефес, меч кој ќе се одигра утре во 18 часот.

  • Ефес игра одлично во текот на целата сезона. Имаат многу талентирани кошаркари, ќе биде тешко. Во тимот на сезоната би го ставил Василија Мичиќ, заедно со Хигинс, Клајбурн, Поаре и Јан Весели, заклучи трикратниот шампион на Европа, два пати со Олимпијакос и еднаш со Фенер.

Во второто полуфинале (утре – 21 часот) силите ќе ги одмерат актуелниот шампион, екипата на Реал Мадрид, и руска ЦСКА од Москва. Предводникот на „мадриѓани“, Пабло Ласо, се враќа во родниот град, од каде се надева дека ќе се врати во Мадрид со одбранетата титула.

  • Би сакал да постои некој таен рецепт за успех, кој би го користел секоја година на Ф4 турнирот. Но, се плашам дека таква тајна не постои. За мене, првиот тренинг во септември е исто толку важек колку и Ф4 турнирот. Така е секоја година. Јас сум заљубен во кошарката уште од мали нозе. Искрено, мислам дека ја работам работата од соништата и тоа во еден од најдобрите клубови во светот, изјави Ласо за „Евролига“.

Од друга страна, за ЦСКА (М) ова е петти Ф4 во низа, што за нивниот предводник Димитрис Итудис претставува огромен мотив да дојде до круната.

  • ЦСКА (М) е клуб кој секогаш има најголеми амбиции, но воедно и добра машина за производство на млади кошаркари. Што се однесува до противникот, Реал е голем клуб, има одлична организација веќе долги години, но се надевам дека ќе успееме да одговориме на нивните против – удари, заврши Итудис.